Еден од најстарите Македонци наполни 103 години, вработени од клиниката за геријатрија му направија роденденска забава
- Детали
- вторник, 10 февруари 2026
„Денес е навистина посебен ден во нашата болница! Дедо Никола е вистинска легенда на македонската медицина. Целиот работен век го посветил на децата како педијатар и хематолог во велешката болница, секогаш со огромна посветеност - за него секое дете било исто важно“, пишуваат од скопската клиника за геријатрија.

Д-р Никола Стојановски од велешкото село Скачинци е еден од најстарите жители во Македонија.
Тој на 8 февруари го прослави својот 103. роденден во Специјализираната болница за геријатрија и палијативна медицина во Скопје.
Вработените му донесоа торта, свеќички и му организираа мала забава со неговите пријатели од геријатриската клиника.

Фотките од роденденската прослава ги објавија на Фејсбук, па напишаа:
„Денес славиме 103ти роденден на д-р Никола Стојановски. Денес е навистина посебен ден во нашата болница!
Нашиот почитуван Дедо Никола Стојановски - д-р Никола Стојановски - полни 103 години!

Роден во 1923 во Скачинци (Велешко), тој е вистинска легенда на македонската медицина: дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград (1952), специјализирал педијатрија во Загреб (1958), а потоа целиот работен век го посветил на децата како педијатар и хематолог во велешката болница.

Бил и директор на болницата, секогаш со огромна посветеност - за него секое дете било исто важно, а неговото спокојство и љубов кон пациентите се паметат и денес.
Човек што ја градел здравствената историја на нашата земја, од НОБ до независна Македонија. Честитки од срце, Дедо Никола!“

Погледнете ја нивната објава:
А. Ј. | Црнобело