Денес е чист понеделник, првите три дена се најстроги - Што треба да знаете за Велигденскиот пост?
- Детали
- понеделник, 23 февруари 2026
Велигденскиот пост оваа година почнува денес (23.02), на денот познат како чист понеделник, а ќе трае до 12 април, Велигден. Што треба да знаете за постите кои траат 7 недели, но и за првите три дена, кои се сметаат за најстроги?

Еден ден по празнувањето на Прочка, христијанските верници, започнуваат со големиот велигденски пост.
Севкупно Велигденскиот пост ги опфаќа Четириесетницата и Страстната седмица.
Првите 3 дена од постот се нарекуваат „чисти денови“ или тримери.

Според традициите и обичаите, овие три дена се „воздржување на верниците“, односно се денови кога не треба да се консумира ниту храна, ниту течност.
Иако ова е општо правило на црквата, не е задолжително за сите верници, односно, секој верник самиот (или во благослов со својот духовен отец) одредува дали може да издржи три дена без храна и течности.

Првиот ден од постот се нарекува и чист понеделник.
За време на целиот велигденски пост, правило е од понеделник до петок во храната да нема ни масло (се пости на вода), а во сабота и недела е дозволена употреба на масло.
Употребата на масло е дозволена и во деновите кога се паѓа голем празник.
Рибата е дозволена да се јаде само на Цветници.
За време на целиот пост, верниците освен што се воздржуваат од храна и си го чистат телото, треба да се воздржуваат и од лоши мисли, да не прават лоши дела, но треба да се воздржат и од интимни односи со партнерот.
Фото: Православен календар
Во овој период треба да заборавите и на пороците - цигари, алкохол и слично.
Велигденскиот пост трае 7 недели, односно 48 дена, од Прочка до Велигден.
И покрај тоа се нарекува Четириесетница, зашто по 40 дена од постот, продолжува последната седмица пред Велигден, дополнителен строг пост.
Таа недела се нарекува Страдална или Страстна седмица.

Прочитајте и Типик за велигденски пости 2026 - кога се јаде масло и риба, а кога се готви само на вода?
А. Ј. | Црнобело
