Дечко од Ресен ја запроси саканата Ангела во Швајцарија: „Луѓето на мостот чекаа да кажам ‘да’ и ни аплаудираа“
- Детали
- четврток, 26 февруари 2026
„Живе со мојата помала сестра го купил вереничкиот прстен, додека пак со другата моја сестра, која живее во Швајцарија, се договориле кој ден да биде запросувањето и каде“, вели Ангела Узуновска (24) за запросувањето од нејзиниот сакан во Луцерн.

Живе Мешуревски (26) од Ресен ја запроси Ангела Узуновска (24) од Царев Двор, ресенско, за време на нивното патување во Швајцарија, по 5 години љубовна врска.
Ангела е дипломиран менаџер по царина и шпедиција, а Живе е пејач и јаболко производител, со свој бизнис во оваа област.

Ангела за CRNOBELO.com споделува:
„За Нова година бевме на посета кај мојата сестра и зет во Швајцарија, а на 2-ри јануари решивме да одиме во градот Луцерн.
Овој град многу го сакам бидејќи ме потсетува на нашиот Охрид со неговата убавина, има многу мостови, па на еден од нив беше и нашето запросување.

Целата организација беше на моите две сестри, кои му помогнаа на Живе.
Живе со мојата помала сестра го купил вереничкиот прстен, додека пак со сестра ми во Швајцарија се договориле кој ден да биде запросувањето и каде.
Сестра ми знаејќи дека Луцерн ми е еден од омилените градови предложила да биде токму таму.

Јас навистина не знаев што ќе се случува тој ден, иако сите кога ги видоа фотографиите, бидејќи носев бел капут и бела шапка, мисла дека сум очекувала запросување.
Кога стигнавме на мостот, Живе одеше зад мене и само одеднаш се појави пред мене и ми рече: „Јас сакам нешто да те прашам“ и потоа следуваше прашањето „Дали ќе се омажиш за мене?“...

Јас во тој момент бев во шок и само знам дека веднаш почнав да плачам и целата треперев од радост, емоциите ме совладаа, а Живе исто така во тој момент можам да кажам дека беше најсреќниот човек по мојот одговор „да“.

Следуваше шампањско, па заедно сите наздравивме, а тој ден беа присутни и мојата тетка и тетин, кои живеат исто така во Швајцарија, па сите заедно со сестра ми и зет ми придонесоа тој момент да биде незаборавен за нас.

Морам да напоменам луѓето кои се движеа на мостот за момент застанаа сè додека не кажав „да“, а потоа почнаа да аплаудираат.
Ми требаше време да се соземам, бидејќи за мене тоа беше вистинско изненадување и момент кој ќе го паметам засекогаш.
