Иван Босиљчиќ и Димитар Андоновски ја пеат „Ако одам во Битола“ на концерт: „Не знаев дека ќе ме викне на сцена“
- Детали
- среда, 11 март 2026
„За мојата Јелена да не се лути на мене што јас ја пеам нејзината омилена песна, на помош ќе го повикам мојот пријател од Битола, Димитар Андоновски“ - вели Иван Босиљчиќ и го изненади нашиот пејач, кој му дојде на концерт.

Иван Босиљчиќ и неговата сопруга Јелена Томашевиќ вчеравечер ја завршија својата мини турнеја во Скопје и Битола, а одржаа 4 концерти во 4 дена, по два во двата града.
Откако имаа два спектакуларни настапи во Скопје, тие воодушевија и со концертите во градот на конзулите.

А таму, на последниот настап, Иван ја запеа „Ако одам во Битола“.
„Денес имаше сериозна расправија меѓу мојата сопруга и мене, кој ќе ја пее вечерва песнава. Јас сум машко, ха, ха, ха, но на крајот на вечерта таа ќе победи,“ вели Иван пред да почне да пее.

Со него веднаш почнува да пее и цела публика.
Но, на средината на песната, Иван се симнува од бината, па додека оркестарот свири, вели:
„За вечерва да остане мир во нашиот дом и мојата Јелена да не се лути на мене, што јас ја пеев нејзината омилена песна, на помош ќе го повикам мојот пријател од Битола и таа нема да може да ми замери, зашто со мене пееше Димитар Андоновски“.

Иван оди до Димитар, па откако се прегрнуваат му го дава микрофонот и Диме ја завршува песната до крај, додека двајцата седат на бината пред битолската публика.

За CRNOBELO.com, Димитар вели дека не знаел дека Иван ќе го повика да пее на концертот, а дека во целата организација и изненадување за него, голем удел имала неговата сестра, актерката Маја Андоновска Илијевски.
„Маја долго време се знае и дружи со Иван и Јелена.
Па затоа Иван со оркестарот ја вежбал песната во моја интонација.

Пред почетокот на концертот ѝ пишал на Маја да ја праша каде ќе седам за да знае отприлика каде да оди, во случај да не ме види во публика.
Големо изненадување и голема чест за мене“, ни рече Димитар.

Кликнете и погледнете го видеото:
Прочитајте и Иван Босиљчиќ ја отпеа „Тајно моја“, а Јелена Томашевиќ „Македонско девојче“ – Спектакуларен концерт во Скопје на најубавиот пар (видео)
А. Ј. | Црнобело
