Миа Костова - YSL, Илариа Кирилов мирис што ја потсетува на свекрвата - Омилени парфеми на нашите инфлуенсери
- Детали
- недела, 05 април 2026
„Обожавам парфеми и често ги менувам, ама во последно време апсолутен фаворит ми е Dior J’adore. Го користам по препорака на мајка ми која го користела кога била помлада“, вели Ева Јовановска за CRNOBELO.com. Кои се омилените парфеми на дел од македонските инфлуенсери?

Откако ги прашавме нашите познати спортисти и неколку јавни личности од Македонија кои им се омилени парфеми, направивме анкета и со 10 наши инфлуенсери.
Едни сакаат свежи ноти, други силни мириси што оставаат „трага“ зад себе.
На прашањето кои им се омилените парфеми и каков мирис користат, познатите македонски инфлуенсери во анкета за CRNOBELO.com открија дека имаат сосема различен вкус.
Сепак, неколкумина го избраа Ives Saint Laurant како омилен бренд на парфеми (во минатото или денес).
Кои парфеми им се омилени на нашите инфлуенсери?
Марис Џолин
„Мој омилен парфем е Alien од Mugler. Го користам со години, со паузи, но секогаш му се враќам.
Моментално го користам Gucci Flora, но Alien ми останува „The one“.
Ме потсетува на самодоверба, сила и женственост во исто време.
Има нешто мистично и моќно во него кога го носам, се чувствувам поинаку, како да влегувам во своја енергија.
Затоа ми е толку посебен и затоа го сакам толку многу“.

Миа Костова
„Во последнава година имам два нови парфеми кои ми се фаворити. Едниот е House of Оud-ruby red, a другиот е Atkinsons, иако мој личен печат е стар парфем на YSL - Cinema.
Cinema го користам повеќе од 20 години.
Ме потсетува на убаво време, на млади денови, ме потсетува и на бременоста, а го сакам затоа што многу ретко, речиси никогаш не сум го мириснала на никој друг.
Сакам парфеми кои не ги носи секој втор. Специфични и многу женствени“.

Стефан Спирковски
„Немам омилен парфем што го користам, сега употребувам различни.
Ама, омилен порано ми беше Versace Pure Home, кој го користам уште од средношколските денови.
А зошто ми беше омилен? Тогаш фаќав најмногу девојки со него“.

Ева Јовановска - Евче
„Многу обожавам парфеми и, искрено, често ги менувам, ама во последно време апсолутен фаворит ми е DIOR J’adore (класикот).
Го користам неколку месеци, по препорака на мајка ми, таа го користела кога била помлада.
Мирисот ми е совршен баланс - свеж, цветен, а во исто време моќен.
Баш е iconic и секогаш ме потсетува на елеганција и женственост. Кога е на мене се чувствувам, поженствено и самоуверено!“

Октај Сејди
„Омилен парфем ми е Nishane Ani, затоа што има посебни мирисни ноти, но и буди посебни спомени во мене.
Мислам дека секој мирис создава поинакви сеќавања кај луѓето, па затоа често им се навраќам и на парфемите кои мене ми прават да се сетам на работи од минатото“.

