Ивана Лескароски (37) прослави роденден и 5 години без рак, но покрај болничкиот кревет на синот: „Мојата желба е победа на син ми“
- Детали
- среда, 25 март 2026
„Славам роденден затоа што денес не славам само уште една година живот, туку славам 5 години победа. 5 години откако му реков НЕ на канцерот. И денес… имам уште поголема причина да се борам. Мојот Роман. Ако нешто посакувам денес, тоа не е за мене. Не е здравје за мене, не се желби за мене… Посакувам негова победа“, емотивно вели хероината од реалноста Ивана Лескароски од Охрид.

Ивана Лескароски од Охрид е мајка на Роман Лескароски и сопруга на поранешниот фудбалер Дејан Лескароски, кој во моментов работи како помошник тренер. По загубата на две деца и 10 спонтани абортуси, Ивана Лескароски имала можност да остане повторно бремена.
Но, и овој пат животот ја ставил во искушение, па иако предвреме го добила својот син Роман, таа истовремено морала да се бори и за животот на сопругот.

Потоа следувал период на затишје, па семејството се соочило со нова бура.
Ивана се соочи со рак на тироидната жлезда, но таа се избори и сега слави 5 години без рак.
Кај нејзиниот син Роман, на 9-годишна возраст се утврдени пет различни дијагнози со кои тој секојдневно се бори.

И периодов за него е огромен предизвик, а Ивана и сопругот, како и секогаш се држат цврсто како вистински херои од реалноста и го бодрат среде битките.
Иако животот не ја галел, туку напротив, ѝ приредил голем број искушенија и борби, Ивана наоѓа сила да биде позитивна и на социјалните мрежи се обидува да покаже дека со секој предизвик мора да се избориме гордо и достоинствено.

Сега, таа го прослави својот 37-ми роденден и позираше со своите сакани на овој за неа значаен ден – кој е и прослава на 5 години живот без рак.
Нејзината емотивна роденденска објава
„Роденден…
И не, не ми е до славење како порано.
Не ми е до бучава, до гужви, до големи насмевки што кријат болка.
Но сепак… славам.

Славам затоа што денес не славам само уште една година живот,
туку славам 5 години победа.
5 години откако му реков НЕ на канцерот.
5 години борба, падови, солзи што никој не ги виде,
но и вера што никогаш не згасна.

Славам затоа што сум тука. Канцер слободна.
Жива. Силна. Поинаков човек… но непобедлива.
Овој роденден не ми е како другите.
Овој роденден ме потсетува зошто не смеам да се откажам.
Ме потсетува дека секој здив е подарок,
дека секое утре е нова шанса за победа.
