Мајка на дете со аутизам од Скопје: „Боли сине, кога те гледам како зборуваш со своите имагинарни пријатели балоните“
- Детали
- четврток, 02 април 2026
„Помина низ тешки операции, ја издржа болката на телото, но ја издржа и најголемата болка на душата - смртта на дедо ти. Твојот столб, твојот најдобар другар. Никој не ги виде твоите солзи во неговата празна соба, но јас ги видов. Видов како храбро чекориш и тогаш кога светот ти беше туѓ“, гласи дел од емотивната објава на Амела Мемиш Апостоловска за нејзиниот син Леон, по повод Светскиот ден на аутизмот.

Амела Мемиш Апостоловска е мајка на две деца со попреченост во развојот, Андреа и Леон.
Таа е дипломиран педагошки едукатор, на насока психологија. Во фокусот на нејзините истражувања и специјализации е и аутизмот.

На Светскиот ден на аутизмот, Амела му посвети емотивна објава на синот:
Леон, сине… На овој 2 Април, Светскиот ден на аутизмот, не можам а да не ти се обратам јавно.
Ти се поклонувам, сине. Ти благодарам за секоја затворена врата низ која поминавме, за секој чекор што го издржа и за силата што ја носиш во тишината.
Овие месеци, до доцни часови додека ти мирно спиеше, јас го подготвував твојот подарок. Моето „благодарам“ преточено во дело за тебе.
Ти се поклонувам што застануваш пред сите. Што зборуваш дури и кога зборовите не се слушаат. Што се бориш за аутизмот, за децата, за родителите… за вистината.
Боли, сине… Боли кога те гледам како зборуваш со своите имагинарни пријатели балоните.
Тие беа твоите единствени сведоци, тие ги заменија личностите кои требаше да бидат тука, а ги немаше.

Помина низ тешки операции, ја издржа болката на телото, но ја издржа и најголемата болка на душата - смртта на дедо ти. Твојот столб, твојот најдобар другар.
Никој не ги виде твоите солзи во неговата празна соба, но јас ги видов.
Видов како храбро чекориш и тогаш кога светот ти беше туѓ.

Се сеќавам на онаа промоција, во еден од градовите… Кога некој ти се обрати грубо да ти укажува каде грешиш, обвинувајќи те за нешто што си го кажал, но не ѝ одговарало на личноста.
Твојот паничен плач во автомобилот кога се враќавме накај дома е врежан во моето срце.