Наим од „Преспав“ искрен: „Користев марихуана, пиев алкохол, земав седативи - раат сум откако ги надминав пороците“
- Детали
- петок, 01 мај 2026
„Ме фати параноја, тогаш почна и конфликтот... и ќе дојдеше некој гостин дома, мислев лошо нешто ми спрема. Имав психичка реакција и 6 месеци земав седативи, но тоа помина многу брзо, го надминав“, искрен е актерот Адриан Азири во подкастот на Стефан Лазаров.

Актерот Адриан Азири, познат како Наим од најпопуларниот македонски ситком „Преспав“, неодамна беше гостин во подкастот на Стефан Лазаров.
Во многу искрено (и забавно за гледање) интервју, Адриан зборува за работите што му го одбележале животот: од детството во Тетово; разводот и смирувањето со сопругата со која има два сина; преку кафулето што го отворил, а поради кое западнал во долгови до пороците со кои се борел долго време, а биле многу на број.

„Земав стан и во тоа време, нормално, младост, правевме глупости, знаевме по некој џоинт да дуваме. Не бев зависен, ама мешав многу со алкохол. Фала Богу, сега сум се одрекол од сите работи.
Не дека сум во емисија, ама луѓето го знаат тоа. Кога влегов ова малку ме испровоцира (покажува на рекламната табла со името на кладилница, спонзор на подкастот - н.з).

Не сум имал проблем со коцка, ама сум пишувал ливчиња и некогаш сме знаеле да забегаме. Но, многу сум пораат откако се тргнав од многу пороци.
Тука се алкохолот, марихуаната што ја спомнав тоа беше во 2001 година кога почна конфликтот во Македонија.

Во тој стан, кај бившо МСМ во парк се правеа најголемите журки, најубавите забави.
И одеднаш се случува тоа што се случи во тоа време и сите мои цимери се разбегаа, а јас останав сам.

Немавме струја, ни ја исклучија, ни телефон - ни го исклучија, немавме пари, доцневме.
И се споија сите тие негативни работи и цимерите избегаа, а јас останав сам во станот.

Ме фати параноја, имав големи паранои, дури почнав да се сомневам и во моите дома.
Почна конфликтот, ќе дојдеше некој гостин дома, мислев лошо нешто ми се спрема.
Имав психичка реакција и 6 месеци после земав седативи, но тоа помина многу брзо го надминав“, искрен е актерот.

Погледнете го целото интервју:
А. Ј. | Црнобело