„Наша гордост“ – Генијалецот Македон од Тетово освои две злата на Математичка олимпијада во Германија
- Детали
- понеделник, 04 мај 2026
„Горди сме да објавиме дека МАКЕДОН постигна извонреден историски успех на Германската математичка олимпијада! Ти си наша гордост, инспирација и вистински шампион!“ - напиша таткото на младиот генијалец откако освои две златни медали.

Нашиот математички генијалец Македон Димитровски, продолжува да ниже успеси и да постигнува извонредни резултати на разни натпревари во кои одново го докажува своето знаење.
Гордите родители на математичарот од Тетово, сега споделија дека тој беше на Математичка олимпијада во Германија, каде освоил две златни медали и се враќа како шампион.

На 28 април Македон пристигна во Франкфурт, подготвен да ги брани боите на Македонија на Математичката олимпијада, како што напиша татко му на Фејсбук.
На неколкудневниот натпревар, Македон постигна извонреден резултат и освои две златни медали – една во индивидуална конкуренција по математика и една во математички предизвик.

Неговиот татко Владимир Димитровски, на својот Фејсбук профил ја објави веста и сподели дека неговиот син на кој сите сме горди, бил прогласен и во престижната група ЛАУРЕАТИ.
Неговата објава гласи:
ЕКСКЛУЗИВНО
Горди сме да објавиме дека МАКЕДОН постигна извонреден историски успех на Германската математичка олимпијада!
Златен медал во индивидуална конкуренција по математика
Златен медал во математички предизвик

Со своите блескави резултати, Мaкедон беше прогласен и во престижната група на ЛАУРЕАТИ — признание резервирано само за најдобрите од најдобрите!
Овој неверојатен успех е доказ за врвен талент, огромна посветеност и достојно претставување на Македонија на меѓународната сцена.
Честитки, Мaкедон!
Ти си наша гордост, инспирација и вистински шампион!

Неговиот татко подоцна објави и видео од свеченото доделување на наградите, а сподели и повеќе семејни фотки во Франкфурт со шампионот Македон.


Во 2022, во интервју за CRNOBELO, таткото на Македон изјави:
„Најважно што треба да се нагласи е дека ние не го форсираме детето, тоа нас нѐ форсира. Ние сакаме да излегува и да си игра, но тој сака целосно да биде посветен на науката и на книгите“ – вели Владимир и појаснува дека Македон уште од 2-годишна возраст почнал да ги изненадува со информациите што ги имал, а на таа возраст почнал течно да чита и да пишува.
М. М. | Црнобело