Виктор од Скопје ја запроси Адријана во Равело: „Од неразделни пријатели до љубов - дизајнирал прстен за мене“
- Детали
- среда, 03 јуни 2026
„Кога слушнав дека прстенот го дизајнирал токму по мојата замисла и со недели комуницирал со хотелот за изненадувањето, сфатив дека не се работи само за запросување, туку за човек кој навистина слуша, памети и се труди да ги направи среќни луѓето што ги сака“, вели Адријана Цепевска (26) магистер архитект од Скопје за саканиот Виктор Славковски (28).

Адријана Цепевска (26) магистер архитект од Скопје, работи во областа на ентериерното уредување и е ко-сопственик на компанија за мебел.
Нејзиниот свршеник Виктор Славковски (28) е дипломиран машински инженер од Скопје. Тој е сопственик на автомобилски сервис и со многу посветеност и труд успева да изгради успешен семеен бизнис.
Виктор ја запроси Адријана во Равело, мало гратче во регионот Амалфи во јужна Италија, во провинцијата Салерно.
Равело се наоѓа на рид над брегот и е познато по прекрасните панорамски погледи и историските вили.

Андријана споделува детали за запросувањето за CRNOBELO.com:
„Со Виктор се знаеме многу години и порано се дружевме, но никогаш не бевме особено блиски.
Летото 2024 година повторно се видовме сосема случајно во Грција, додека тој беше на ергенско патување со другари, а јас на одмор со другарките.

Таму нашите друштва се споија и станавме буквално неразделни. Следуваа секојдневни излегувања и долги разговори, но секогаш во друштво.
Во тој период Виктор штотуку беше излезен од долга врска, а јас не бев отворена за нова љубовна приказна. Така станавме многу добри и искрени пријатели.

Со текот на времето пријателството прерасна во нешто многу подлабоко. Сфативме дека сме буквално ист човек – само машка и женска верзија.
Денес, кога ќе погледнам наназад, сфаќам дека најубавиот дел не се големите моменти, туку сите оние мали секојдневни работи што нè донесоа до тука.

Иако не сме заедно многу долго, уште во првите неколку месеци и двајцата знаевме дека тоа е тоа.
Никогаш претходно не сум знаела како човек може да биде сигурен дека сака да го помине целиот живот со некого, но ова беше токму тоа – кога знаеш, едноставно знаеш.

На тема дали знаев дека ќе ме запроси... Искрено, очекував дека оваа година би можело да се случи нешто такво бидејќи веќе сме разговарале за заедничката иднина и бракот.
Патувањето беше организирано релативно набрзина и не верував дека би стигнал да испланира вакво изненадување, а уште помалку да подготви прстен изработен специјално за мене. Токму затоа успеа целосно да ме изненади.

Кога пристигнавме во хотелот Caruso, нè пречека персоналот кој веќе бил запознаен со целиот план.
Подоцна дознав дека Виктор со недели комуницирал со хотелот и преку бројни мејлови договарал сè – од локацијата на запросувањето, до фотографот, вечерата и секој најситен детаљ.
