Виктор од Скопје ја запроси Адријана во Равело: „Од неразделни пријатели до љубов - дизајнирал прстен за мене“
Кога влеговме во хотелот, јас отидов до тоалет да се освежам.
Во меѓувреме, Виктор успеал незабележливо да го извади прстенот од кутијата и да го подготви за моментот што следуваше.

Кога една од вработените дојде да нè одведе до вечерата, јас очекував дека ќе влеземе во ресторанот каде што вечераат сите гости.
Наместо тоа, таа отвори посебен влез и нè поведе по скали кои водеа кон приватна тераса.

Уште додека се симнував по скалите и го здогледав погледот кон крајбрежјето на Амалфи, романтично подготвената маса и целата атмосфера и веќе знаев дека тука ќе се случи запросувањето.
Се свртев кон Виктор и само успеав да кажам: „Виктор, што е ова?“
Во тој момент веќе бев преплавена од емоции.

Кога стигнав до терасата, почнав да плачам уште пред тој да клекне. Толку силно ме погоди целиот момент што не можев да ги задржам солзите.
Првото нешто што ме праша беше дали сум го насетила изненадувањето, но јас бев во таков шок што едвај успевав да зборувам.
Потоа следуваше прашањето кое ќе го паметам цел живот – дали сакам да бидам негова жена.
Одговорот беше едно големо и искрено „да“.

Тогаш сфатив и дека зад скалите се кријат фотограф и снимател кои го овековечиле целиот момент. Тоа беше уште едно прекрасно изненадување бидејќи отсекогаш сум сакала да имаме спомен од таков ден.
По запросувањето имавме фотосесија во прекрасните градини на хотелот. Во овие градини многу познати личности имаат правено свадби.
Подоцна седнавме на нашата приватна вечера.

Во позадина свиреше тивка романтична музика, а за првпат по целиот шок останавме сами и почнавме да разговараме за сè што се случило.
Тогаш Виктор ми раскажа колку долго го планирал целиот момент, колку време посветил на организацијата и колку внимателно ги паметел сите работи што сум ги кажувала низ годините.
Исто така, и прстенот го дизајнирал токму по мојата замисла.