Почина режисерот Сашо Миленковски – неговата посветеност кон театарот и сцената остави силен белег
- Детали
- понеделник, 29 јуни 2026
На 62-годишна возраст, по долго боледување почина режисерот Сашо Миленковски, колегите се збогуваат: „Преку својата работа создаваше не само претстави, туку и емоции, мисли и моменти кои ќе останат запаметени. Неговото дело ќе продолжи да живее преку сцената и спомените на сите што имаа чест да го познаваат и да соработуваат со него“.

За жал, денес пристигна уште една тажна вест, почина режисерот Сашо Миленковски.
По долго боледување, на 62-годишна возраст, нè напушти човекот кој беше едно од најзначајните имиња во македонскиот театар.
Од Факултетот за драмски уметности напишаа:
„Денес со голема тага се збогуваме со театарскиот режисер Сашо Миленковски, човек кој остави значаен белег во светот на театарската уметност.
Преку својата работа создаваше не само претстави, туку и емоции, мисли и моменти кои ќе останат запаметени. Неговото дело ќе продолжи да живее преку сцената и спомените на сите што имаа чест да го познаваат и да соработуваат со него.
Искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и сите што го сакаа.
Почивај во мир“.
Пред само еден месец, тој ја доби наградата за животно дело на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во неговата биографија стои:
Сашо Миленковски е истакнат македонски режисер, роден во Битола, во 1963 година. Во текот на речиси четири децении активна работа, неговата режисерска креативност создава дела со трајна вредност, оставајќи силен и препознатлив белег не само во домашната, туку и во пошироката театарска сцена.
Тој е дел од генерацијата режисери кои во раните 90-ти години донесоа нови естетски насоки и свеж творечки импулс во македонскиот театар.
Неговата професионална кариера започнува уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, преку ангажманот во мултинационалниот проект КПГТ во Суботица (1988–1991), кој се разви во значајна сцена за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.
Во својата богата кариера Миленковски има реализирано повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, регионот и во Европа.
Неговиот опус се одликува со разновидност – од класични автори како Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет до современи драмски текстови.
Особено значајно место во неговото творештво имаат поддршката и афирмацијата на современата македонска драма.
Колегите и блиските се збогуваат од него, а меѓу другите, Александар Рашковиќ напиша:
Со голема тага ја примив веста за заминувањето на режисерот Сашо Миленковски.
Токму со него започна мојот професионален пат како костимограф. Во Кумановскиот театар ми ја даде првата можност да ја создадам костимографијата за претставата „Фауст“ – доверба што засекогаш ќе остане врежана во моето сеќавање.
Неговата посветеност кон театарот, сцената и уметноста остави силен белег кај сите што работеа со него.
Искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и соработниците.
Почивај во мир, драг Сашо.
М. М. | Црнобело