Бетика за тортурата и навредите кон Јована, девојка со оштетен вид од Ресен: „Таа има душа поголема од целиот град“
- Детали
- вторник, 21 јули 2026
„Јована трпеше тортура од луѓе кои не знаеја да ја прифатат различноста. Не затоа што ѝ недостасуваше нешто, туку затоа што ним им недостасуваше емпатија“, вели емотивно Ледената Македонка Бетика од Ресен, горда на својата сограѓанка Јована Трајчевска.

Ледената Македонка Бетика од Ресен е гласна за сè, па така сега беше гласна и за една нејзина сограѓанка и за неспособноста за прифаќање на различностите во нејзиниот роден Ресен.

Станува збор за Јована Трајчевска, млада и амбициозна девојка со оштетен вид.
Таа сега студира специјална едукација, а била прогласена за ученик на деценијата од страна на Училиштето за слепи „Димитар Влахов“.
Јована ја споделува својата приказна во првата епизода на „Не чекајќи го Годо" на Радио Моф, каде зборува и за осудите со кои се соочила како дете во родниот Велес.
Бетика на Инстаграм Стори го сподели нејзиното гостување и напиша:
„За жал, токму во нашиот град Ресен, таа се соочи со многу осуди, навреди и тортура од луѓе кои не знаеја да ја прифатат различноста.
Не затоа што ѝ недостасуваше нешто, туку затоа што ним им недостасуваше емпатија.

Но, душата на Јована е поголема од целиот наш град. Поголема од сите предрасуди, од сите навреди и од сите што некогаш се обиделе да ја скршат.
Денес сум неизмерно горда што токму таа стана глас на луѓето со попреченост.
Наместо омразата да ја направи горчлива, таа избра да биде светлина, инспирација и надеж за многумина.

Јована уште во основно училиште напиша книга, беше прогласена за ученик на деценијата во ДСУРЦ „Димитар Влахов", учествуваше на бројни меѓународни младински размени и денес студира специјална едукација, со желба целиот свој живот да го посвети на работа со деца со оштетен вид и нивните родители.
Јована е доказ дека нечија различност никогаш не е слабост. Слабост е кога не умееме да ја прифатиме.

Нека нејзината приказна нè потсети дека најголемата попреченост не во телото, туку во недостатокот на човечност“.
С. С. | Црнобело