Со здрави навики - до здрави бубрези

Никогаш не е прерано да започнеме да ги учиме нашите деца повеќе за тоа како функционира телото и кои се добрите навики кои треба да ги практикуваме. Поттикнати од оваа идеја  Здружението за бубрежно болни граѓани „Нефрон“ во соработка со „Ладна“ од средината на месец октомври започнаа да организираат едукативни работилници наменети за сите третооделенци од скопските општините Центар, Аеродром и Чаир.

so-zdravi-naviki-do-zdravi-bubrezi-4.jpg

По тој повод направивме разговор со организаторите Јасмина Бошковска- Маркетинг Специјалист во Магрони ДОО Скопје и Душко Ѓоргиев претседател на здружението Нефрон:

Душко Ѓорѓиев: Кои се вашите совети за здрава дневна рутина кога се во прашање бубрезите кај децата?

Бубрезите се многу важни органи во нашето тело или т.н.“ филтри - прочистувачи ’’ на  телото, и затоа е многу важно да се зачуваат т.е. одржат здрави. Toa се органи кои непрестано работат и го прочистуваат нашето тело од сите штетни материи и токсини, преку постојано филтрирање на крвта и исфрлање на вишокот вода и штетни материи од организамот, затоа им е потребна нашата нега и придонес за да функционираат правилно.

Кога станува збор за дневна рутина или воспоставување на здрави навики за да имаме здрави бубрези на дечињата им советуваме да ги почитуваат правилата кои заеднички ги учиме низ нашиот проект „Со здрави навики - до здрави бубрези“,  а тоа се : Пијте многу вода секој ден – на бубрезите им се потребни многу течности, особено вода; Јадете многу овошје и зеленчук - бубрезите сакаат здрава храна; Бубрезите сакаат да бидете активни - затоа вежбајте и спортувајте; Немојте да пиете газирани пијалоци и не јадете храна со премногу сол; Немојте да земате лекови на своја рака и не пушете цигари - тоа може да им наштети на бубрезите!

so-zdravi-naviki-do-zdravi-bubrezi-1.jpg

Душко Ѓорѓиев:  Колкави се дневните потреби за вода кај децата? И дали чаевите, природните сокови и овошјето може да ги заменат дневните неопходни дози на вода за да бидеме сигурни дека нивниот организам е доволно хидриран?

Потребата од вода и воопшто течности во организамот на дневно ниво се разликува како во однос на возраста, така и во однос на други параметри како што се полот , тежината,физичката активност, храната која се внесува во текот на денот, здравствената состојба во која се наоѓаме, но и од тоа дали и кои лекарства се земаат, зависно е од временските прилики и сезоната.  Ако знаеме дека нашето тело содржи повеќе од 2/3 вода, но во исто време за секоја телесна функција и со секој метаболитички процес постојано се губи течност, неопходно е таа течност постојано да се надополнува. Најдобро е да се надополнува преку внес на вода, но исто така е важно како што споменуваме и во правилата за одржување на здравјето на бубрезите да се јаде здрава храна односно овошје и зеленчук,а би ги додале и чаевите, млекото и млечните производи. Така доаѓаме до заклуок дека е подеднакво важно да се внесуваат и други видови на течности, но мора и да се сложиме дека водата е незаменлив и основен напиток без кој не можеме да функционираме .Таа не е скапа, секогаш ја имаме на располагање, најдобро ја гаси жедта, а и не содржи калории, масти, холестерол. Ни служи да се спречи дехидратацијата, а ја регулира и телесната тежина и помага за многу важни процеси кои се одвиваат во организамот постојано и во текот на растењето. Затоа е особено важно да се пие вода за да се спречи дехидратацијата, а бидејќи жедта е првиот симптом за дехидратацијата-  водата или течностите треба да се конзумираат пред да се почувствува жед.  Со оглед на тоа во која возраст е детето и дали знае да ја именува жедта, родителите  треба да внимаваат детето постојано да внесува вода и други течности како би спречиле несакани последици.

Душко Ѓорѓиев:  Како родителите би можеле лесно да препознаат симптоми кај децата кои би индицирале евентуални бубрежни промени?

Бубрежната инсуфициенција е состојба при која бубрезите не можат ефикасно да ги исфрлаат токсините кои се внесени во организмот. За жал бубрезите се од оној тип на органи кои при промени и недоволно квалитетно работење не даваат веднаш јасни симптоми, или симптомите тешко се забележуваат, а и потешко се поврзуваат со бубрезите. Но постојат повеќе причини за бубрежни промени, меѓу кои не се исклучува и наследниот фактор. Она што е важно да знаеме е дека кај децата мора да внимаваме на градење на здрави навики за редовно мокрење, како и да забележиме евентуални промени при мокрење. Секоја промена на бојата и типот на мокрачата или зачестеноста на мокрењето, болка, напон , потешкотии или непријатности, треба да не асоцираат да провериме дали имаме нарушена бубрежна функција кај детето или пак инфекција која може да предизвика некакво нарушување. Ако забележиме дека урината е темна или многу бледа со променета боја од вообичаето, има необичен мирис, пенеста е или содржи крв, а со лабараториска проверка се покаже дека содржи протеини тоа треба да ни укаже дека имаме бубрежна инсуфициенција. Исто така, чувство на гадење, повраќање, лош здив, вкус на железо во устата, кога децата асоцираат дека омилената храна има лош или непријатен вкус па и губење на апетитот може да бидат некои од симптомите на бубрежна инсуфициенција исто како и забележливи отоци по телото , анемија, чувство на слабост и замор. Евентуална дијагноза се поставува исклучиво од лекар, а важно е дека со примена на здрави навики и евентуални корекции во навиките можеме многу да придонесеме за зачувување на здравјето на бубрезите.

so-zdravi-naviki-do-zdravi-bubrezi-2.jpg

Јасмина Бошковска: „Ладна“ заедно со здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ си поставија цел да ја подигнат свесноста кај најмладата популација за важноста на бубрезите. Во таа насока организиравте интерактивни работилници со наслов „Со здрави навики - до здрави бубрези“. Кажете ни нешто повеќе за овие активности.

Да токму така, месецов кој изминува е во знак на интерактивниот проект кој го насловивме  „Со здрави навики - до здрави бубрези“. Ги вклучивме  децата од трето одделение од основните училишта од скопските општини Центар, Чаир и Аеродром. Целта ни беше да придонесеме за подигнување на свеста кај децата за важноста да се грижат за сопственото здравје или поконкретно здравјето на бубрезите. Предвидената програма е интерактивна и е специјално креирана за нивната возраст од страна на тимот на Светскиот ден на бубрегот, здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ во соработка со „Ладна“. Дечињата имаа можност преку интерактивната презентација да се запознаат со функцијата и важноста на бубрезите за целокупното човеково здравје, како и со ризиците од бубрежните заболувања и најважно од се добија совети за превенција од бубрежни заболувања. На овие работилници на сите деца им беа поделени едукативни материјали, боенка, боички и шишенце вода Ладна. Планирано е работилниците во овие три општини да завршат до крајот на годината, со што ќе се заокружи првата фаза од активностите на овој проект.

 Јасмина Бошковска: Каков е фидбекот од страна на дечињата? Дали сметате дека успеавте да допрете до нив?

Соработката со децата може да биде многу едноставна и да ви тргне од рака како шега, но само доколку успеете да им ја доближите тематиката и да го предизвикате и привлечете нивното внимание. Во спротивно можете да се соочите со вистински неуспех. За среќа сите проекти на кои досега сме работе со нив поминале со успех и горди сме на тоа. Тие се навистина умни и љубопитни глави кои се желни за наука и знаење. Секој пат кога ќе постават прашање знаеме дека сме допреле до целта. Колку навистина сме успеале во нашите намери ќе покаже и времето, но она што во моментов можеме да го потврдиме е дека им го привлековме вниманието и успешно им ги пренесовме сите важни совети во врска со нивното здравје, здравјето на нивните бубрези и здравите навики.

so-zdravi-naviki-do-zdravi-bubrezi-3.jpg

 Јасмина Бошковска: За сега во план се само основните училишта од трите скопски општини . Дали во иднина ќе ги посетите и останатите опшитни во Скопје, и на крајот дали едукативните работилници ќе ги опфатат и другите градови низ Македонија?

Се разбира. Ова го сметаме само за првична фаза од проектот кој има за цел да опфати што поголем број на основни училишта и тоа не само во Скопје туки и низ останатите градови во државата. Се надеваме дека ќе успееме да ја реализираме конечната замисла за овој проект, а тоа е – што поголем број на деца во Македонија да бидат запознаени со здравите навики за грижа на бубрезите. Дружењето со децата е навистина незаменливо искуство и слободно можам да кажам дека колку што тие учат од нас толку и ние учиме од нив, создавајќи взаемна конекција која ќе не поттикне  во иднина да иницираме слични проекти.

so-zdravi-naviki-do-zdravi-bubrezi-5.jpg

Би можело да ве интересира:

Бајковита свадба на пар од Скопје - невестата во раскошна венчаница, младоженецот во розов костум и ... „Во брак сме скоро две години, но поради пандемијата, плановите за свадба малку ...
Тамара Тодевска на викенд со децата во Маврово: Зимски лудории на Хана и Дарен Тамара Тодевска ужива во Маврово со своите две деца и споделува на Инстаграм как...
Не е Сибир, Битола е – Ледената Македонка Бетика влегува во водите на замрзнато езеро под Пелистер Со секира го искрши мразот на површината на водата, а потоа влезе да се бања. Бе...
Тамара на летување со децата во Грција – ги одведе во циркус, се возат на фотелја додека ги влече гл... Тамара Тодевска на една од фотографиите откри и дека на летување со нив е Марко ...
Негрижата на властите - ризик по здравјето на децата! Во нашиот главен град Скопје и во неколку други градови во државата, квалитетот ...
Само се шегувал со фановите: Ламбе останува во Македонија „Дедо Мраз ме врати назад во Македонија. Ве поздравувам. Македонија е мојата све...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg