Интервју за Црнобело со Ивана Арсовска - „One Health концепт - едно здравје за сите“

Арсовска: Ако сакаме здрава планета концептот „Едно здравје“ подеднакво е важен за луѓето, животните и животната средина

intervju-so-ivana-arsovska-za-crnobelo-01.jpg

Ветеринарната медицина, како научна дисциплина, се’ повеќе активно се вклучува во концептот Едно Здравје (One Health concept). Токму на оваа тема разговараме со Ивана Арсовска, демонстратор по предметот Биологија и патологија на дивеч на катедрата Биологија и патологија на риби, пчели, дивеч и екологија на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје.

Арсовска, која е идејата на концептот Едно здравје?

Арсовска: Во самата основа на концептот Едно Здравје се препознава важноста за грижа на здравјето на луѓето и животните, како и важноста за чиста и здрава животна средина, со што се потврдува нивната меѓусебна поврзаност. Концептот започнува да се развива во почетокот на 20-тиот век, со што активно се вклучуваат хуманата и ветеринарната медицина, особено во секторот на јавно здравје и зоонозите. Зоонозите претставуваат болести кои се пренесуваат од животните на луѓето.

Кои зоонози постојат кај нас?

Арсовска: Нашето поднебје, поточно целиот Балкански полуостров е епидемиолошко подрачје за болестите како Бруцелоза, Туберкулоза и Трихинелоза. Кај сите овие болести, како резервоари и преносители за ширење на причинителите се јавуваат дивите животни. Микроорганизмите опстојуваат и циркулираат во животната средина и претставуваат ризик за инфицирање на домашни животни, особено животните наменети за исхрана, кои, преку директен или индиректен контакт пак претставуваат ризик за појава на болест кај луѓето. Во целиов овој процес на појава и ширење на болестите се јавуваат голем број на фактори, особено човековиот фактор кој најмногу влијае врз забрзување на климатските промени и нарушување на нормалната животна средина.

На кој начин е вклучена ветеринарната медицина во концептот Едно Здравје?

Арсовска: Ветеринарната медицина е вклучена на многу начини во самата срж на овој концепт, особено откако се препозна важноста за соработка и партнерство помеѓу одредени научни дисциплини со склучување на договор од трите светски организации: OIE, WHO и FAO. Овие организации целат кон униформна база на податоци, каде секоја земја-членка пријавува болести од своите национални претставници, се со цел поголема следливост на појавата и ширењето на истите. Првите епидемиолошки податоци за трихинелоза кај луѓе во нашата држава се од 1985 година, каде професорот Мишо Христовски во соработка со доктори од хуманата медицина откриваат пациенти позитивни на паразитот Trichinella ssp. Последователно, во 1986 се открива паразитот кај дива свиња, додека во 1992 година се дијагностицира и кај домашна свиња.

Како позитивен пример за нашата земја ќе ја споменам и болеста Бруцелоза, каде со мултидисциплинарен пристап и размена на здравствени податоци од Агенција за храна и ветеринарство и Институт за јавно здравје дојде до опаѓачки тренд на истата. Факултеот за ветеринарна медицина - Скопје е активно вклучен, особено преку основната намена – здравствената заштита на животните.

Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје преку дијагностичката и научно-истражувачката област, како и клиничките и теренските активности, допридонесува за превентива и сузбивање на болестите. Од голема важност се едукативните активности кои се преземаат за сите опасности кои постојат од нашето неконтролирано однесување кое има сериозни здравствени последици за сиот жив свет.

intervju-so-ivana-arsovska-za-crnobelo-02.jpg

Со кои предизвици се соочува концептот Едно Здравје на локално, но и глобално ниво? 

Во нашиов современ свет, концептот Едно Здравје се предводи со мотото: дејствувај локално, но размислувај глобално! Концептот се соочува со исклучително важни предизвици како антимикробната резистенција, која поради нерационалната употреба на антибиотици кај нас, луѓето, но и животните, фармски животни и миленици, покажува екстремен пораст и загрижувачкиот дел е што златната доба на нови антибиотици одамна помина, и се’ помалку се откриваат нови антибиотици кои делуваат на веќе мутираните бактерии. Исто така, како еден од загрижувачките предизвици е појавата на нови болести и ре-појавата на стари болести на подрачје каде вообичаено ги немало истите, или се во нова, изменета форма.  

Биологија и патологија на дивеч на катедрата Биологија и патологија на риби, пчели, дивеч и екологија е твојот предмет, што точно изучуваат студентите?

Арсовска: Студентите на предметот Биологија и патологија на дивеч, каде професор е и мојот ментор проф. д-р. Мишо Христовски, имаат можност да се запознаат со биодиверзитетот во нашава земја, со нивните биолошки карактеристики, бројност на популација, загрозени и заштитени видови, ловната сезона на одредени видови на дивеч, ризикот на ловџиите и ловџиските кучиња при лов, но и патолошките состојби и циклусот на ширење на болести кои се ризик за домашни миленици, за бездомни животни, фармски животни и луѓето.

Ти си студент, а сега и демонстратор на Факултетот. Кој беше предизвикот при изборот да студираш токму на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје?

Арсовска: Сите ние поаѓаме од нашите желби и афинитети кон одредени области при избор за запишување на факултет, со што моите предизвици беа тоа што ќе имам прилика да ги изучувам и да работам со, според мене, најфасцинантните живи суштества – животните. Морам да признаам дека пред да се запишам на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје, не бев запознаена ниту со половина од областите што ги опфаќа самата ветеринарна професија, но со особено внимание и интерес им се посветив на дивите животни, заразните болести и благосостојбата на животните. Со гордост можам да кажам дека нашите професори и асистенти ја имаат препознато важноста на концептот Едно Здравје, како и потребата за регионална и меѓународна соработка.

Кој е советот до сегашните, но и идни студенти на Факултетот за ветeринарна медицина во Скопје?

Арсовска: При моето студирање имав можност да стекнам големо знаење и искуство од области на ветеринарната медицина, преку единствени можности кои ги нуди самиот факултет како студентски размени и летна пракса преку ERASMUS, CEEPUS, IVSA. Како студенти, доколку ги искористете приликите и можностите кои ви се нудат, единствено може да ви се зацврсти љубовта кон ветеринарната медицина. Ќе имате можност да учите од најдобриот кадар кој единствено Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје може да го понуди во нашиот регион.

Би можело да ве интересира:

Денес се слават светите Кузман и Дамјан, заштитници на лекарите - Што не треба да правите на овој де... Светите браќа целиот свој живот го посветиле на лекување на луѓето, а не барале ...
Негрижата на властите - ризик по здравјето на децата! Во нашиот главен град Скопје и во неколку други градови во државата, квалитетот ...
Миа Костова - смртта на баба ѝ, Агнеса Органџиева - злобните коментари за разводот: Што ги повредило... „Најсилно допре до мене смртта на баба ми пред неколку години. И бев свесна дека...
Славчо Поповски, метеоролог: „Неделава ќе има повеќе сонце, но од петок повторно се очекува дожд и с... „Времето ќе биде стабилно, суво и со повеќе сонце, особено на повисоките места и...
Позитива на денот: Телеком постави куќичка за бездомни кучиња пред своја продавница во Скопје Денот на бездомните кучиња го одбележуваме со позитивна вест! Во центарот на Ско...
Најубавите пораки за Божиќ што можете да им ги испратите на блиските Добро здравје, мир во душата, радост во мислите, младост во срцето, успех во раб...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg