Вирален статус на Македонец: Денес елките се совршени, но безлични, некогаш беа искубани, но имаа љубов и топлина

„Ако сте забележале, скоро сите елки како по наредба се украсуваат со огромни идентични лампиони, во максимум две бои, симетрично, под конец. Лентите и сијаличките исто така. Сѐ е совршено скоцкано. Но, само мене ли ми се чини дека фали нешто? Кога јас бев дете, елката беше троа искубана, и сигурно постара од мене. Лентите и да сакавме не можевме да ги наместиме симетрично, толку беа извиткани од стоење по кутии со години. На елката немаше два исти лампиони…“, е дел од статусот кој ќе направи да ве преплави ретро носталгија со мирис на детство.

viralen-status-na-makedonec-denes-elkite-se-sovrsheni-no-bezlichni-nekogash-bea-iskubani-no-imaa-ljubov-i-toplina-01.jpg

Филип Иванов од Велес, пастор во Евангелска Црква во Велес, објави статус на тема новогодишните елки кој ќе ви врати мирис на едни минати времиња.

Ќе се сетите на елката од детството, на сите тие скапоцени лампиони, на семејните мигови додека ја китевте елката.

Неговата објава гласи:

„Деновиве секој трет пост е слика со накитени елки и детски радости. Кај нас Марија и Натан (сопругата и синот) ги средија елката и дневната пред некој ден, додека јас од страна со кафето само ги бодрев. Без мене ништо не ќе направеа.

Е сега, во сето ова новогодишно шаренило, забележувам еден тренд последниве десетина години што многу ми зборува, барем мене. Ако сте забележале, скоро сите елки како по наредба се украсуваат со огромни идентични лампиони, во максимум две бои.

Елките се бујни, украсени и одзади, симетрично, под конец. Лентите и сијаличките исто така. Сѐ е совршено скоцкано. Но, само мене ли ми се чини дека фали нешто?

viralen-status-na-makedonec-denes-elkite-se-sovrsheni-no-bezlichni-nekogash-bea-iskubani-no-imaa-ljubov-i-toplina-03.jpg

Кога јас бев дете, елката беше троа искубана, и сигурно постара од мене. Лентите и да сакавме не можевме да ги наместиме симетрично, толку беа извиткани од стоење по кутии со години.

На елката немаше два исти лампиони. Сите беа различни, а беа толку деликатни и кршливи што некои и едвај смеевме да ги допреме. Секако, немаше доволно за да се накити целата елка, зашто се купуваа по еден-два лампиони секоја година, не по триесет како сега.

Со сијаличките се играше рулет, зашто ако една беше прегорена цела низа не светеше. Тоа што се „усвитуваа“ и можеа да предизвикаат пожар во секој момент е друг муабет.

viralen-status-na-makedonec-denes-elkite-se-sovrsheni-no-bezlichni-nekogash-bea-iskubani-no-imaa-ljubov-i-toplina-04.jpg

Но, што ми е поентата со ова?

Мислам дека елките тогаш и елките денес се индикативни за времињата.

Денес елките се бујни, раскошни и совршени, но истовремено и безлични, досадни, без своја посебна семејна приказна.

Елките во моето детство беа искубани и сиромашни во споредба со денешниве, но тогаш имаше нешто посебно. Секоја елка имаше историја, секој лампион имаше приказна.

Се сеќавам колку бевме возбудени да слушаме како овој лампион го донел дедо ми од не знам каде, па како оној лампион е купен кога мајка ми имала десет години, трет кога јас сум се родил, за мојата прва Нова Година... Некои беа огромни, некои толку минијатурни што баравме посебно густо гранче од кое не би паднале.

viralen-status-na-makedonec-denes-elkite-se-sovrsheni-no-bezlichni-nekogash-bea-iskubani-no-imaa-ljubov-i-toplina-02.jpg

Како и да е, елката, со сите свои несовршености, раскажуваше една семејна сторија, што поврзуваше најмалку три генерации, па беше целосно наша, посебна, немаше ниту една друга како неа.

И во секој друг дом беше исто толку посебно, зашто секоја елка и секој лампион имаа уникатен семеен печат и возбудлива и неповторлива приказна како и зошто стигнале таму.

Можеби како стареам станувам помеланхоличен, или, пак, не се лажам, времињата навистина се промениле. Иако денес сѐ е пораскошно и побогато всушност сѐ е посиромашно и попразно, зашто фалат атмосферата, семејната сторија која нѐ поврзуваше и радоста која не беше изглумена за слики и лајкови. Викам јас, можеби стареам, па до тоа да е, но...

Без разлика на сè, оваа година, барајте и создавајте го баш тоа - семејната топлина. Само таа ќе ви го згрее срцето и по 20-30 години, како мене во оваа студена декемвриска ноќ...“

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Како изгледа денес внукот на Тоше Проески? На светот не постоеше личност што Тоше Проески повеќе ја сака од неговиот внук К...
Македонец со емотивна исповед: „Имав 126kg и пиев за да заборавам кој сум... сега сум татко и трчам ... „Таско раскажуваше како престанал да пие. Ерко за неговата ќерка со леукемија. М...
Кристијан од Скопје со искрена исповед: „Живеев 7 месеци во автомобил во Сиднеј, спиев на паркинг на... „Не беа само високите цени за сместување во Сиднеј причината, сакав да се предиз...
Денес почнува божиќниот пост – кои денови се јаде риба, кога се пости на вода и од што да се откажет... Божиќниот пост ќе трае 40 дена, односно од 28 ноември до 6 јануари, во овој пери...
Скопјанец за случка во наше кафуле: „Дрска госпоѓа ми го расипа денот - каде бил келнерот, го чекала... „Само што седнаа две госпоѓи во скопско кафуле немаше ни минута, кога едната му ...

Најчитани неделава