Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк


5 книги без кои не треба да си заминете од Саемот на книга 2025

За сите вљубеници во пишаниот збор, остануваат уште неколку дена до затворањето на Саемот на книгата 2025 каде на едно место, меѓу десетиците издавачи, секој ќе најде по нешто за себе. А кои книги не смеете да ги пропуштите (и треба да ги има во вашата домашна библиотека)?

5-knigi-bez-koi-ne-treba-da-si-zaminete-od-saemot-za-kniga-01.jpg

Саемот за книга во Скопје, кој традиционално се одржува секоја година, годинава ќе биде отворен од 8 до 14 мај, во арената „Борис Трајковски“.

Неколку десетици издавачи на читателите ќе им понудат илјадници наслови - книги кои ќе се промовираат токму на Саемот, но и постари изданија.

Ова е одлична можност сите вљубеници во пишаниот збор, на едно место да најдат нешто по свој вкус (често и со саемски попуст по поповолни цени), без оглед на жанрот кој го обожаваат.

Токму затоа, ви предлагаме 5 книги кои се од македонски, регионални и светски автори, а кои се од различни жанрови, но имаат нешто заедничко - сите се одлични и ќе посакате да ги имате во домашната библиотека.

Ова се 5 предлог книги без кои не треба да си заминете од Саемот за книга 2025:

„Продавачката“ од Сајака Мурата

„Продавачката“ е роман продаден во над 1,5 милиони примероци - топла приказна за 36-годишната Кеико од Токио.

Кеико никогаш не успеала да се вклопи ниту во своето семејство ниту во училиштето.

Дури кога на 18 години почнува да работи во еден минимаркет, таа успева да ја најде својата животна цел.

Кеико е среќна таму, се чувствува своја и безбедна. Но нејзиното семејство секојдневно ја притиска да започне соодветна кариера, да најде сопруг и да живее спротивно од она што за неа значи среќа.

Тие сакаат Кеико да живее - „нормално“.

Овој роман за невклопувањето во стереотипите и чувството дека не сме разбрани, ќе ве поттикне да ги тргнете маските, да се прифатите себеси какви што сте, да заборавите на сите дефиниции за среќа.

Овој возбудлив, чуден и забавен јапонски роман ќе ве натера да размислувате, а истовремено и да уживате во секоја страница од книгата.

5-knigi-bez-koi-ne-treba-da-si-zaminete-od-saemot-za-kniga-03.jpg

„Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ

„Панонскиот адмирал“ е книга за кариерата на Ѓорѓе Балашевиќ и падот на една голема држава.

Ова е професионална биографија за починатиот музичар, збирка од лични и колективни сеќавања за Балашевиќ, кој беше сјаен хроничар и мудар толкувач на нашето време.

Во текот на деведесеттите години на 20 век стана симбол на отпорот кон длабоката балканска провинцијализација и на војната - се спротивставуваше на силата на глупоста и на глупоста на силата.

Но и покрај тоа ќе го паметиме како поет на интимата и на човековите чувства, како поет на љубовта, чии песни бројни генерации ги носат врежани во себе.

„Панонскиот адмирал“ е уште едно поклонување пред неговата уметност и делото што го остави зад себе.

5-knigi-bez-koi-ne-treba-da-si-zaminete-od-saemot-za-kniga-04.jpg

„Потклек“ од Љупчо Петрески

„Потклек“ е роман за отуѓеноста, за самоповредувањето, за неусогласеноста на телото и душата, за духовното ропство на жената.

Главен лик романот е неименувана 29-годишна раководителка на службата за послуга во хотелот „Македонија“.

Една обична жена, во обичен град води обичен, навидум нормален живот обременет од минатото и неможноста да живее во сегашноста.

Низ книгите што ги чита, непознатите што секојдневно ги среќава, што на улица што во хотелот каде што работи, таа полека станува свесна за „ропството“ во кое живее.

Низ клучалката на изнајмената соба на Симон де Бовоар и Жан-Пол Сартр во хотелот, се обидува да ја ѕирне слободата што отсекогаш ја посакувала, но со страв од она што може да следи.

Живеејќи во тој постојан страв, таа преку интимна исповед на општествено изолирана, отуѓена личност, потисната од своите стравови, хипохондрија и меланхолија допира до сржта на своето (не)постоење како жена - истражувајќи го сопственото тело, сексуалноста и односот со мајката и сопругот.

5-knigi-bez-koi-ne-treba-da-si-zaminete-od-saemot-za-kniga-02.jpg

„Алиас Грејс“ од Маргарет Атвуд

1843 година - Грејс Маркс е осудена на соучество во бруталното убиство на својот работодавец и на неговата домаќинка. Одлежувајќи ја доживотната казна, таа тврди дека целосно го загубила сеќавањето.

Некои сметаат дека Грејс е невина, па ангажираат на помош специјалист за ментални болести.

Докторот ја ислушува приказната на Грејс, враќајќи ја низ минатото, приближувајќи ја до денот што таа не го памети и дознава дали Грејс навистина извршила убиство.

Маргарет Атвуд ја пишува книгата врз основа на вистинска приказна на една од најзагадочните и најпознати жени од 19 век.

5-knigi-bez-koi-ne-treba-da-si-zaminete-od-saemot-za-kniga-05.jpg

„Невидливата куќа“ - Билјана С. Црвенковска

Малечката Кала е принудена набрзина да го напушти својот дом. Таа заминува со родителите на долго, истоштувачко и застрашувачко патување, кое како да нема крај.

Кала не разбира што се случува, освен што ги наслушува неубавите зборови што ги шепотат возрасните.

Но, она што го знае е дека ѝ недостига нејзината куќа, заедно со баба ѝ, дедо ѝ и омилената играчка - зајачето.

5-knigi-bez-koi-ne-treba-da-si-zaminete-od-saemot-za-kniga-06.jpg

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Три книги од Зоран Спасов Ѕоф со кои ќе се смеете до солзи (а и ќе заплачете) Авторот Зоран Спасов Ѕоф пишува на скопски „јазик“, онака како што и самиот збор...
Книги со кои треба да ја отворите 2025-та - новата читачка сезона Две сестри се грижат за себе бидејќи живеат со татко алкохоличар; две жени чиј ж...
„Мачето Мице“ - нова книга за деца во издание на ИЛИ-ИЛИ "Мачето Мице" е книга која ги следи домашните авантури на љубопитното маче Мице....
3 книги што не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита (додека е тинејџерка) Кои 3 книги воопшто немаат наивна содржина и не би сакал да ги видам во мојот до...
3 книги што ќе ви донесат духовно богатство (и мирен ум) Читате ли книги за самопомош и просветлување? Сакате ли да ги следите светските ...
3 книги од Сара Џио поради кои ќе посакате (повторно) да се вљубите Љубовна приказна од минатото која се преплетува со сегашноста, тајни писма, дамн...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg