Мелиса од Скопје: „Имам 150 книги, цртам бележници според кориците - кои се моите 3 омилени трилери?“
„Нешто што почна како хоби, прерасна во голема љубов и уште поголема домашна библиотека, а за која сонував. Љубовта кон пишаното пробувам да ја искажам и преку цртање - некои корици ме инспирираат да нацртам бележници според нив“, вели вели скопјанката Мелиса.

Мелиса Зверотиќ (26) од Скопје за себе вели дека отсекогаш била љубител на пишаниот збор.
Иако чита различни жанрови, омилени ѝ се трилерите.

А токму таквите книги се во најголема мера на полиците во нејзината домашна библиотека која брои 150 наслови.
Чита и на англиски и на македонски јазик, па дел од книгите што ги има се на оригиналниот јазик на кој се напишани, а дел се преведени од македонските издавачки куќи.

За својата страст кон читањето, но и кои се трите книги кои таа ги препорачува за читателите на CRNOBELO.com, прочитајте во продолжение:
„Нешто што започна како хоби, прерасна во голема љубов и уште поголема домашна библиотека за која порано сонував.
Секогаш сум читала трилери, дури поголемиот процент се мистерии и трилери на моите полици.
Љубовта кон пишаното пробувам да ја искажам и преку цртање, зашто некои корици ме инспирираат да нацртам бележници според нив.

Омилен писател уште од средношколските денови ми е Донато Каризи, кој со својот начин на пишување го лови читателот и го носи низ темните мисли на убиецот, каде го дисектира секој негов чекор, секое негово зошто, го враќа сè до неговото детство.
И тогаш немаш избор освен да сфатиш дека и чудовиштата се луѓе како нас, работат обични работи, имаат фамилии и не се страшни.

Кога би бирала омилена книга, тоа би била првата со која започна сѐ - „Шепнувачот“.
Се работи за трилер/хорор за некои, каде се пронајдени шест исечени раце, закопани на една шумска полјанка, но, се откриени само пет тела на млади девојчиња.
Детектив, кој треба да го изработи профилот на убиецот, и полицајка, која е експерт во пронаоѓање исчезнати лица, ќе пробаат да работат заедно, иако и двајцата имаат свое темно и трагично минато.
Не е сѐ како што се чини, а крајот од книгата ќе ве доведе до прашањето што е реално, а што сон.

A Good Girls Guide to Murder (кај нас преведена од издавачка куќа Матица во 'Како убиваат добрите девојки') од Холи Џексон, е трилогија на која ѝ се навраќам секогаш, иако ја имам прочитано повеќепати.
Во првиот дел, во првата книга, станува збор за девојка која навидум ќе сака да направи проект како матурантка, и ќе се одлучи да истражува стар случај за кој верува дека е неправедно решен, а дека нејзиниот град крие повеќе тајни отколку што се прикажува.
Вплеткана во игра на лаги и измами, таа ќе дојде до болен заклучок каде нејзиниот живот и сѐ што таа сака, ќе бидат ставени во ризик бидејќи таа пробува да ја изнесе вистината на светлина.
Одлучноста на главниот лик најмногу придонесе да разберам дека вреди да се избориш за тоа што го сакаш и да веруваш на својата интуиција.

И за крај, нешто наше а толку добро напишано, „Наследство: Прозорецот“ од Јордан Коцевски, македонски писател кој пишува предобри трилери во кои се губи осет за време и простор.
Тој своите читатели ги држи во неизвесност до самиот крај.
„Прозорецот“ е дел од трилогијата „Наследство“. Вториот дел од оваа трилогија е објавен, а третиот сѐ уште го чекаме.
Се работи за нешто паранормално, феномен кој не може да се објасни освен да се осети.
Но ако бидеш сведок на „човекот од прозорецот“ тоа значи дека нема долго да живееш, затоа исчезни, скриј се.
А ако не те фати човекот од прозорецот, тајна организација ќе те спречи да истражуваш за што станува збор.
Токму тоа му се случило на главниот лик Мите, кој по секоја цена е решен да ја открие мистеријата, иако не е свесен што сѐ ќе треба да жртвува за да го направи тоа.

Па, ако и вие сакате да седите будни до доцна во ноќта, преиспитувајќи ја реалноста, тогаш овие три дела се за вас“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
