Три одлични трилери од Далибор Трајковски што се читаат во еден здив
Воден од сопственото искуство, дополнето со неговата фантазија, кавадарчанецот Далибор Трајковски, пишува книги кои се читаат во еден здив од првата до последната страница. Ако не сте ги прочитале - сега е вистинско време за тоа.

Далибор Трајковски од Кавадарци е писател, кој по професија е полициски инспектор.
Своето стекнато знаење низ годините, го преточува во пишан збор, па од неговото перо се напишани многу трилери, кои се читаат во еден здив.
Ако сте љубител на овој жанр, следниве 3 книги се одлично четиво за студените зимски денови:
„Дневникот на непознатите“
Проколнато село. Таинствен дневник. Минато што не сака да остане закопано.
Кога познатиот писател Давор пристигнува во селото Црвенокамен, поканет од сопственикот на најголемата приватна библиотека во Македонија, таму очекува инспирација - не мистерија за убиство од пред дваесет години.
Но, во библиотеката наоѓа дневник со црвени корици, ист како оној што го имала неговата мајка.
Преку страниците, оживуваат гласовите на убиен наставник и забранета љубов, поврзани со животот на Давор повеќе отколку што тој може да замисли.
Со секое ново откритие, сомнежот расте, минатото добива облик, а вистината е на раб да биде откриена.
Дневникот на непознатите е мистериозна, емотивна приказна што ги поврзува генерациите преку љубов, вина и откритија што менуваат сè.

„Закопана вистина“
Во сегашноста… Софија има прекрасни родители кои ѝ пружиле сѐ што можеле и секогаш се грижеле да има убаво детство, среќен живот и родителска љубов.
Тие, исто така, уште од рана возраст биле искрени со неа и таа знае дека била посвоена како бебе.
Но тоа никогаш не можело целосно да ја пополни празнината во неа и да го изгасне копнежот да ја открие вистината за своето потекло, да дознае кои се нејзините биолошки родители и зошто се откажале од неа.
Но се плаши дека таа вистина е премногу длабоко закопана и дека можеби никогаш нема да ја открие.
Во минатото… Пред повеќе од 25 години, Наташа и Александар се запознаваат во Охрид и помеѓу нив веднаш се раѓаат силни симпатии, а набрзо и уште посилни емоции.
Но Александар има тежок живот, особено по смртта на неговиот татко; сега тој е мажот во куќата и мора да се грижи за неговата мајка и неговата помала сестра.
Иако навистина ја сака Наташа, кога во неговото семејство продолжуваат да се нижат трагедии, тој не може да си дозволи да ја стави нивната љубов на прво место.

„Тајната на монахот“
Матурската вечер завршува кобно за една млада девојка, која не знае ни како, ни зошто, ниту од кого е силувана.
Последното нешто на кое се сеќава е дека професорот ја враќа дома, но нема никакво сеќавање од настаните кои следуваат откако излегува од неговото возило.
Иако се обидува да се носи и да живее со таа траума, сфаќа дека не е доволно силна и посегнува по својот живот.
Еден професор е осомничен и добива тешка казна. Тој има голема грижа на совест и носи тежок грев, па ја прифаќа казната.
Но за што поточно е виновен?
Еден монах решава да оди против себе и да открие голема тајна…
Речиси секој од ликовите крие нешто, заплеткувајќи ја приказната, а само еден од нив собира храброст да ја открие својата тајна и да фрли барем малку светлина на трагичните настани.

А. Ј. | Црнобело
