Јована од Велес (25): „Позајмувам книги и од градска библиотека, читам по 6 месечно - Кои ми се омилени?“
„Навистина обожавам приказни со емоционална длабочина, мистерија, како и теми кои ми ја разгоруваат љубопитноста за понатамошно истражување“, вели Јована, која неодамна ја развила љубовта кон читањето, но веќе има околу 100 книги во својата домашна библиотека.

Јована Андовска (25) од Велес е голем вљубеник во книгите и читањето.
Дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ, по што почнала со работа во сферата на дигиталниот маркетинг.
А во слободно време најмногу се посветува на книгите, бидејќи, вели, читањето ѝ е начин да се опушти и да си ги наполни батериите.

„Мојата љубопитност кон книгите отсекогаш постоела, но подлабоко навлегов во тој свет токму по завршување на факултетот, а книгата која ме навлече е ‘Девојката од мочуриштето’ од Дилија Овенс.
По една година активно читање, одлучив да го создадам мојот Инстаграм профил @b00kish_adventures каде започнав да споделувам што читам, колку за мое задоволство, толку и за да допринесам во ширењето на љубовта кон читањето.

Мојата домашна библиотека брои веќе над 100 наслови, совршено отсликувајќи го моето истражување на жанровите.
Омилен жанр, би кажала дека сè уште ми е романса, а веднаш потоа трилерите и историските романи.
Навистина обожавам приказни со емоционална длабочина, мистерија, како и теми кои ми ја разгоруваат љубопитноста за понатамошно истражување.

Библиотеката ми се состои и од македонски, српски и англиски наслови кои во голема мера сама сум ги обезбедила, а имам и мал дел подароци и соработки кои навистина ги ценам, бидејќи го доловуваат начинот на кој тие личности ме доживуваат.
Во просек читам околу 6 книги месечно, во зависност од обврските и жанрот.
Исто така, покрај домашната библиотека, читам од Градската библиотека, си позајмуваме со другарки, а исто така читам на Kindle“, раскажува Јована за CRNOBELO.com.
