Јована од Велес (25): „Позајмувам книги и од градска библиотека, читам по 6 месечно - Кои ми се омилени?“

„Само ова лето“ од Аби Хименез

Прекрасна летна романса за младите Џастин и Ема, преполна со силни емоции, за љубов што трпи, љубов што се бори и љубов што трае.

Ема е патувачка медицинска сестра со навистина тажно минато кое влијае на нејзината личност во сегашноста, а е особено изразено преку нејзиниот страв од врзување, вклучително и кон места и кон луѓе.

Џастин, пак, имал среќно и полно со љубов детство, но во сегашноста се соочува со големи промени кои директно влијаат врз неговата иднина.

И двајцата имаат сардоничен поглед кон врските, сметајќи се за „среќна амајлија“ за други луѓе.

Имено, секогаш кога ќе раскинат со некого, таа личност подоцна ја пронаоѓа својата сродна душа, додека тие продолжуваат со својата улога на „среќна амајлија“.

Ова необично „проклетство“ е токму причината за нивното запознавање.

Во обид да ја разбудат и својата среќа, се впуштаат во кратка врска со идеја дека по разделбата, конечно ќе ја пронајдат својата сродна душа.

Но животот си поигрува со нив - чувствата стануваат вистински, а заедничката иднина сè понеизвесна.

Сепак, ова не е забавна и лесна летна романса, туку романса која ќе продре длабоко низ вас и ќе ви предизвика силни емоции.

Оваа книга е пример за вистинска љубов, онаа од реалниот свет која се соочува со предизвици и во даден момент - ставена пред тешка одлука: дали е време за промена или за доживотно каење?

jovana-od-veles-25-pozajmuvam-knigi-i-od-gradska-biblioteka-chitam-po-6-mesechno-koi-mi-se-omileni-05.jpg

„Длабоко во темнината“ од Лорет Ен Вајт

Ова е психолошки трилер кој маестрално си игра со перспективите, а токму бидејќи е раскажана низ повеќе гласови, постојано ти ја менува перцепцијата за тоа што е вистина, а што манипулација.

Секој лик носи своја тежина, свое минато и своја верзија на настаните, што ја прави приказната уште понеизвесна и напната.

Во центарот на дејството се наоѓа група луѓе кои на прв поглед немаат ништо заедничко, но ги спојува едно - валкана тајна.

Ветувањето за луксузно патување брзо се претвора во кошмар, каде што недовербата расте, а стравот станува секојдневие. Како што исчезнуваат луѓе, станува јасно дека некој игра опасна игра.

Она што најмногу ми се допадна е напнатата атмосфера, елемент кој потсетува на делата на Агата Кристи, каде што виновник може да биде секој.

Читателот постојано се преиспитува: На кого можам да му верувам?

Иако на моменти може да ви се јави чувство дека има премногу перспективи, токму тоа додава длабочина и ја прави мистеријата уште послоевита.

Потребно е само да ги запишете имињата нивни заедно со нивните професии.

jovana-od-veles-25-pozajmuvam-knigi-i-od-gradska-biblioteka-chitam-po-6-mesechno-koi-mi-se-omileni-06.jpg

Единствената жена во просторијата“ од Мари Бенедикт

Приказна за рамноправност. За жените кои преживеале свет што им дозволувал да постојат, но не и да зборуваат. Приказна за почетокот на Втората светска војна.

Приказната започнува во Австрија, 1933 година, со младата актерка Хедвиг (Хеди) Кислер, интелигентна и силна жена, жена со свое јас, сѐ додека не се појави тој.

Човекот кој лошите гласини го следат како сенка, моќта го обвива како магловита прегратка во декември. Пион од двете страни од шаховската табла, кој го носи името Фридрих.

Моќен и богат индустријалец - производител на оружје и човек со директни врски со фашистичките режими на Хитлер и Мусолини.

На една успешна виенска претстава, тој ја здогледува Хеди, во улога на кралицата Елизабета. Колку иронично бидејќи од тој момент, таа улога за неа станува реалност.

Во време кога Европа тоне во страв, таа се соочува со избор што не е прашање на љубов, туку на опстанок. Така, Хеди ја прифаќа понудата на ѓаволот и се стекнува со титулата г-ѓа Мандл.

Опкружена со моќ, пари и луѓе што ја пишуваат историјата од зад затворени врати, таа станува нем сведок на свет во распад.

Но, ништо не е залудно. Секој разговор, секој поглед, секоја премолчена вистина стануваат оружје што подоцна ќе го претвори нејзиниот гнев во идеја.

Понатаму, бракот за неа станува неподнослив товар, па така, како од роман на Артур Конан Дојл, умешно со прецизно скроен план, го пронаоѓа излезот од тој пекол.

Патот кој го избра ја носи во далечната Америка, започнувајќи нов живот како Хеди Ламар.

Таму, гневот и беспомошноста што ги носи со себе конечно добиваат форма на идеја, родена од сеќавањата на тајните разговори.

А токму кога Америка влегува во војната, Хеди и нејзиниот пријател имаат подготвено изум кој може да промени сѐ...

„Единствената жена во просторијата“ е симбол, таа е убава и прифатлива маска. Нека биде потсетник за никогаш да не се откажуваме од соништата, ни тогаш кога светот не е подготвен за нив.

jovana-od-veles-25-pozajmuvam-knigi-i-od-gradska-biblioteka-chitam-po-6-mesechno-koi-mi-se-omileni-07.jpg

„Ереб“ од Урсула Познански

Видео игри + книги? Мојот рај. Книгава е прв дел од серијалот Erebos, каде авторката умешно ни пренесува порака на неколку теми, а во главен фокус се видео игрите и зависноста од нив.

Ремек-дело што започнува со Ник Денмор, тинејџер во средно училиште, кој живее прилично нормален живот.

Таинственоста и промената кај неговиот најдобар пријател се почетокот кој менува сè. Низ училиштето сè повеќе ученици претрпуваат негативни промени во однесувањето, од изолираност, па сѐ до гнев.

Изворот на овој проблем е токму хипер-реалистичната игра Ереб, спакувана во ЦД диск кој кружеше како тивок вирус.

Дел од правилата беа: играј сам, не зборувај за играта надвор од неа, не откривај кој си во неа, не пребарувај за неа - клуч за изолираност.

Играта е совршено опишана, како самите да чекорите низ неа, а моделот е предобро осмислен, содржејќи сè што може да предизвика зависност: реалистична графика, соодветни звуци, можност за извршување мисии, комуникација со други играчи, компетитивност (борба за Потесниот круг), интерактивност со тој морбиден свет, накачување нивоа…

Понекогаш посакав и самата да бидам дел од таа тајна дружина.

Изопаченото во сè ова е тоа што играта и реалноста постојано се испреплетуваат, притоа задачите станувајќи сè поморбидни.

Се прашувате зошто ги извршувале тие задачи? Цената на неизвршување е исфрлање од играта, со тоа целиот труд ќе пропадне, а втора шанса е непознат поим. Автоматски стануваш ирелевантен.

Драго ми е што, иако малкумина, сепак некои ученици увидоа во штетата и опасноста од таа игра, ја забележаа лековерноста и зависноста на соучениците, па одлучија да ги превземат работите во свои раце.

Од почеток до крај, книгава непрестано ме воодушевуваше, а крајот испрати и позитивна порака за видео игрите.

Тие можат да нè разделат, но и да нè зближат - сè зависи од тоа како самите ние ги толкуваме. Од нас зависи дали ќе се изгубиме во нив или ќе ги користиме за забава и/или поврзување.

jovana-od-veles-25-pozajmuvam-knigi-i-od-gradska-biblioteka-chitam-po-6-mesechno-koi-mi-se-omileni-08.jpg

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Ружица од Скопје: „Имам библиотека од 400 книги, читам во автобус на пат кон работа - Кои ми се омил... „Голем удел во мојата љубов кон книгите има библиотекарката од моето основно учи...
Книги од македонски автори кои мора да ги прочитате до крајот на 2025 Потрага по сериски убиец во Италија; млад брачен пар кој се соочува со морничави...
Андриана од Битола: „Имав библиотека од 1.000 книги, пола морав да ги раздадам - Кои 5 ми се омилени... „Имам прочитано над 1.000 книги, а уште толку имам на листата. Свесна сум дека н...
Три книги полни со топлина, во кои ќе уживаат и децата и возрасните Ако решите на своите најмили да им ги читате на глас овие книги, тие ќе ве поврз...
Три книги од различни жанрови, кои ќе ве држат „будни“ до последната страница Историска драма за жени затворени во болница за душевни болести во Париз во 19 в...
Кристина од Скопје: „Дома имам скоро 700 книги, читам и по 10 месечно - Кои ми се омилени?“ „Уште кога сум била бебе, мајка ми обожавала да ми чита, а штом научив да читам,...

Најчитани неделава