Елена од Прилеп: „Книга од Горјан Петрески е ‘виновник’ за мојата зависност од читање - Кои ми се омилени?“
Серијалот „Седумте сестри“ од Лусинда Рајли
Серијалот „Седумте сестри“ од Лусинда Рајли е едно од моите најубави читателски патувања.
Освен што нуди прекрасни семејни приказни, тајни од минатото и незаборавни ликови, овој серијал ме освои и со местата на кои нè носи.
Од Норвешка и Швајцарија, до Бразил, Австралија и други делови од светот, секоја книга е како мало патување низ различна култура и историја.
Бидејќи и самата обожавам да патувам, често се фаќав себеси како ги пребарувам местата опишани во книгите и си замислувам како еден ден ќе ги посетам.
Малку книги успеваат толку живописно да ги доловат градовите, пејзажите и атмосферата на одредена земја што читателот добива чувство дека е таму.
Токму затоа „Седумте сестри“ за мене не е само серијал за семејни тајни и потрага по идентитет, туку и инспирација за идни патувања и откривање нови делови од светот.

Серијалот за Роберт Хантер од Крис Картер
Серијалот за Роберт Хантер од Крис Картер е еден од оние што постојано ми се провлекува низ читателскиот живот.
Толку го сакам што сум дел и од група во која секој месец читаме по една книга од серијалот, а потоа ги анализираме случаите, осомничените и сите оние детали што Картер вешто ги сокрива низ приказната.
Она што најмногу ме воодушевува кај него е стилот на пишување.
Лесен е и едноставен за читање, страниците буквално летаат, а сепак приказните се неверојатно сложени и внимателно испланирани.
Таман кога мислам дека сум го открила решението, следува пресврт што целосно ми ја менува сликата.
Малку автори успеваат да ја одржат таа рамнотежа меѓу читливост и комплексност, а токму затоа секоја нова книга за Роберт Хантер ја очекувам со ист ентузијазам како и првата.

Серијалот „До сите момци што ги сакав“ од Џени Хан
„До сите момци што ги сакав“ е серијал што ме потсети зошто понекогаш најубавите приказни се токму оние наједноставните.
Нема големи мистерии, нема драматични пресврти на секоја страница, туку топла приказна за првата љубов, семејството, пријателствата и сите оние несигурности низ кои поминуваме додека растеме.
Иако првенствено е наменет за помладата генерација, мислам дека лесно може да ги освои и повозрасните читатели.
Во него има многу повеќе од тинејџерска романса - има топлина, носталгија и потсетник на периодот кога чувствата биле едноставни, а секоја мала работа изгледала како најважна на светот.
Мене ми беше вистинско освежување помеѓу потешките и помрачни книги што вообичаено ги читам.
Понекогаш едноставно ти треба приказна што ќе те опушти, ќе ти измами насмевка и ќе те потсети на убавината на првите симпатии и безгрижните денови.

Серијалот „Wallflowers“ од Лиса Клејпас
Серијалот „Wallflowers“ од Лиса Клејпас е мојата комфор зона кога ми треба нешто романтично, забавно и лесно за читање.
Приказната започнува со четири млади жени кои поради различни причини не се вклопуваат во очекувањата на високото друштво и затоа решаваат да си помогнат една на друга во потрагата по љубов и среќа.
Она што најмногу ми се допадна е пријателството меѓу хероините.
Иако секоја книга следи различен пар, низ целиот серијал се чувствува нивната поврзаност и поддршка.
Токму тоа го прави серијалот посебен за мене - не се работи само за романси, туку и за женско пријателство, лојалност и заедништво.
Лиса Клејпас има стил што ме тера целосно да се изгубам во приказната.
Нејзините ликови се шармантни, духовити и лесно се засакуваат, а дијалозите секогаш ми измамуваат насмевка.
Иако сум прочитала многу историски романси, „Wallflowers“ е еден од ретките серијали на кој и денес со задоволство би му се вратила, бидејќи ми го дава токму она чувство поради кое ги сакам романсите - да се исклучам од секојдневието и едноставно да уживам во приказната.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело