Елена од Прилеп: „Книга од Горјан Петрески е ‘виновник’ за мојата зависност од читање - Кои ми се омилени?“
„Речиси секој ден го започнувам на ист начин - со шолја кафе и барем половина час читање“, вели Елена Ѓорѓеска за CRNOBELO.com и додава дека обожава да чита книжевни серијали. Кои ѝ се омилени?

Елена Ѓорѓеска од Прилеп по професија е специјалист медицинско-лабораториски аналитичар. Откако се омажила, се преселила во Охрид.
Вели, надвор од работата нејзина најголема страст се книгите.
Со нив ѝ почнува денот, таа барем половина час одвојува за читање додека го пие утринското кафе, а потоа продолжува со своите обврски.

За својата љубов кон книгите, но и кои серијали на книги ѝ се омилени и ги препорачува, за читателите на CRNOBELO.com, таа ни раскажа во разговорот:
„Речиси секој ден го започнувам на ист начин - со шолја кафе и барем половина час читање.
Љубовта кон книгите се роди уште во основно училиште, кога бев редовен посетител на училишната библиотека.
Книгата што ја сметам за главен „виновник“ за мојата зависност од читањето е „Исти очи“ од Горјан Петрески.
Оттогаш, па до денес, книгите се неизоставен дел од моето секојдневие.

Најмногу уживам во трилери, мистерии, историски драми и романси, но изборот на книга најчесто зависи од моето расположение.
Освен содржината, многу внимание посветувам и на изгледот на книгите - обожавам убави корици, а посебна слабост ми се обележувачите.
Во мојата колекција има повеќе од 200 обележувачи, а токму од таа љубов се роди и идејата за мојот букстаграм профил @bookmark.page.
Бидејќи отсекогаш сум сакала фотографија, решив да ги спојам двете мои омилени хобија - книгите и фотографирањето.
На профилот ги споделувам книгите што сум ги прочитала преку фотографии и кратки впечатоци, а преку оваа заедница стекнав и многу драги пријателства.

Меѓу моите омилени автори се Крис Картер, Ирса Сигурдардотир, Лиса Клејпас, Сара Џио, Меган Квин, Софи Кинсела, Сара Морган и други.
Поради секојдневните обврски, во просек читам четири до пет книги месечно, а во последно време почнав да уживам и во аудиокниги.
Мојата домашна библиотека е скромна, но за мене многу вредна - содржи повеќе од 300 книги.
Најчесто купувам изданија преведени на македонски јазик, но имам и книги на српски и англиски јазик.
Не можам да кажам дека секој месец купувам нови книги, бидејќи се трудам најпрво да ги прочитам оние што веќе ги имам дома.
Сепак, кога ќе решам да се почестам со нови наслови, обично издвојувам околу 3.000 денари.

Во текот на годините имам прочитано повеќе од 1.000 книги. Често ме прашуваат која ми е омилена, но никогаш не можам да издвојам само една.
Секоја книга што сум ја прочитала оставила по некоја трага, мисла или емоција и токму затоа верувам дека секоја од нив на свој начин е посебна.
Бидејќи не можам да се одлучам за само една омилена книга, овој пат решив да пишувам за неколку мои омилени книжевни серијали што се преведени на македонски јазик“.