Здодевни водителки и песни, Селин Дион беше светла точка - Зошто вчерашното полуфинале на Евросонг ми беше најлошо досега?
И покрај огромната сцена, скапата продукција и неколку впечатливи настапи, не можам да се оттргнам од впечатокот дека синоќешното прво полуфинале на Евровизија, беше едно од најлошите во последниве 10 години.
Вчеравечер во Базел, Швајцарија, се одржа првото полуфинале на Евровизија 2025, каде своите песни ги претставија 15 земји, а 10 од нив влегоа во финалето и тоа Норвешка, Албанија, Шведска, Исланд, Холандија, Полска, Сан Марино, Естонија, Португалија и Украина.
Без финале останаа Словенија и Хрватска, кои уште од самиот почеток котираа слабо и меѓу фановите и на обложувалниците.
Дури и би рекла дека словенечката песна, барем за мене, беше една од подобрите вчера - пријатна балада која пејачот Клеман ѝ ја посветил на сопругата болна од тешка болест, а која успеала да ја победи болеста и на крајот застана покрај него на евровизиската сцена и го бакна.
Уште две песни, на мене, ми оставија убав впечаток - оние на Норвешка и Албанија, и кога би требала да гласам, тука би завршил мојот избор од понуденото вчера.
За многумина естонската песна Espresso Machiato е вистински хит, но јас едвај чекав да завршат неговите три минути на сцената.
Иако ми се допадна албанската песна, ме изнасмеаа коментари на Твитер, каде еден од пратечките вокали го споредија со Гру од Despicable Me.
„Зошто Гру ја претставува Албанија годинава?“ - стои во твитот.
Цела вечер правев споредба и на водителките лани, со двете дами кои ја водеа Евровизија годинава.
За жал, беа многу „здрвени“ и барем мене ми немаа шарм за да ја пленат публиката.
Се чини дека и многу твитерџии го делат истото мислење, па се изначитав твитови дека не се воопшто забавни и добри.
„Плачам, ова е најлошата Евровизија на сите времиња. А водителките, о Боже“.
„Што е ова по ѓаволите?“ - е коментар на Твитер, покрај фотка од едната водителка која го превиткува јазикот, а се пофали дека тоа е нејзиниот суперталент.
Од друга страна, ме воодушеви видео-пораката од Селин Дион, која се потсети на своето учество на Евросонг, а потоа неколку поранешни евровизиски учесници ја испеаја нејзината Ne Partez Pas Sans Moi, со која ѝ ја донесе победата на Швајцарија.
Иако, бев разочарана, зашто, како и многу фанови на Евровизија, верував дека таа ќе се појави на сцената, пораката од Селин, сепак ми беше најсветлата точка на вечерта.
„Победата на Евровизија во 1988-ма ми го смени животот. И бев многу горда кога лани видов како Немо го крева трофејот на Швајцарија.
Имам и порака до луѓето од Швајцарија - ви благодарам за љубовта, оваа ноќ е ваша и се надевам дека сте горди на себе како што и јас се гордеам со вас“ - рече Дион.
Излегувањето на сцената на еден од браќата Олсен, на крајот на вечерта, ме врати во едни убави времиња.
И додека го слушав како ја пее Fly On The Wings of Love, со која победија на Евросонг во 2000 година, сфатив колку е сменето натпреварувањето - одлични сценски настапи, силна продукција, а песни кои, за жал нема да останат да се слушаат.
И затоа не можам да се оттргнам од впечатокот дека вчерашното прво полуфинале на Евровизија, беше едно од најлошите во последниве 10 години.
Се надевам дека утре, на второто полуфинале, работите ќе се сменат на многу подобро.
На следната страница погледнете ги настапите на финалистите:
Би можело да ве интересира:





