Гала концерт на Вејчеслав Поповски - „Хармонија во три стила: класика, филм и корен

„Гала-концертот е круна на долг пат исполнет со љубов кон музиката и градбата на инструменти. Тоа е момент кога ја спојувам мојата уметничка приказна како музичар и градител на инструменти“, вели Вејчеслав Поповски пред настапот на Скопско лето.

gala-koncert-na-vejcheslav-popovski-harmonija-vo-tri-stila-klasika-film-i-koren-01.jpg

46. издание на „Скопско лето“  го вклучува и настапот на  Вејчеслав Поповски, кој вечерва ќе одржи концерт овој рамките на овој фестивал.

Кога првпат почувствува дека музиката е твојот пат?

Потекнувам од музичко семејство – уште од четиригодишна возраст започнав да свирам, да пеам и да настапувам. Од кога знам за себе, музиката беше околу мене – звукот на кларинетот на дедо ми, чие име гордо го носам, хармониката на татко ми... На пет години веќе им се придружив со тапан. Тоа не беше избор, туку природен тек – музиката стана мое секојдневие, мојот внатрешен јазик и начин на изразување.

Какво беше чувството кога за првпат застана на сцена – на „Златно славејче“?

Тоа не беше мој прв чекор на сцена, бидејќи уште како мал настапував со играорната во Пионерскиот дом „Карпош“ – патувавме, изведувавме и уживавме во фолклорот. Но на „Златно славејче“ за првпат се појавив како солист, сам пред публиката. Тогаш сцената ја доживеав на поинаков начин – светлата, тишината пред првиот тон, возбудата во стомакот… Тој момент ми остана длабоко врежан – како искра што ја запали љубовта кон пеењето и настапувањето. „Златно славејче“ не беше само натпревар – беше мојата прва лична средба со публиката.

gala-koncert-na-vejcheslav-popovski-harmonija-vo-tri-stila-klasika-film-i-koren-02.jpg

Како го опишуваш твојот однос со музиката денес, поврзан и со твојата втора професија – градењето инструменти? Како ги поврзуваш тие две уметности и што значат за тебе?

Денес, музиката за мене е простор на слобода, искреност и лична вистина. Таа не е само професија – тоа е мојот животен пат, мојот внатрешен свет. Без разлика дали пеам класична арија, македонска народна песна или филмска тема – секогаш настојувам да бидам автентичен, да ја раскажам приказната низ звук и емоција. Музиката е мојот начин да допрам луѓе.

Градењето на инструменти не го доживувам како одвоена професија – напротив, тоа е продолжение на истата љубов. Кога создаваш инструмент, вложуваш тишина, време и концентрација, а потоа преку него таа тишина се претвора во звук. Тоа е циклус на создавање што ме исполнува целосно. Звукот што го изведувам и звукот што го градиме – и двата се дел од една иста уметничка целина.

Што е најголемиот предизвик во тоа да се биде класичен уметник во Македонија?

Да се биде класичен уметник кај нас значи постојано да се движиш по тенка линија меѓу посветеност и истрајност. Предизвик е да се одржи континуитет и мотивација, особено во услови кога уметноста не е секогаш во прв план. Но јас верувам дека искреноста и трудот секогаш допираат до публиката. Најголемиот предизвик е токму тоа – да останеш доследен на себе, на своите вредности и визија, дури и кога околностите не се идеални. А токму таа постојаност е и најголемата сила на уметникот

gala-koncert-na-vejcheslav-popovski-harmonija-vo-tri-stila-klasika-film-i-koren-03.JPG

Како започна љубовта кон градбата на инструменти?

Љубовта започна од едно многу лично и емотивно наследство – стара виолина која му припаѓала на мојот прадедо. Сакав да ѝ дадам нов живот, а со тоа почна и моето истражување – без формално образование, но со голема љубопитност и страст. На 17 години ја направив првата виолина, во скромни услови и со основни алати, но со огромна внатрешна мотивација.

Од тогаш, тоа стана мое секојдневие – свет на слобода, тишина, концентрација и бескрајна креација. Градењето инструмент не е само занает, туку уметничко истражување што ме носи кон нови откритија секој ден. Колку подлабоко навлегувам, толку повеќе расте и мојата посветеност – затоа што секој нов инструмент е различен свет што чека да биде откриен и чуен.

Колку време е потребно да се направи еден инструмент?

Тешко е да се стави рамка кога станува збор за нешто толку чувствително и органско. Не се ограничувам со време, не брзам – работам кога имам инспирација, кога чувствувам дека процесот ме носи. Секој инструмент е нова приказна, ново заедничко патување – јас и дрвото. Уште во моментот кога го бирам дрвото, постои некоја тивка врска – препознавање. Веќе чувствувам каков звук ќе има, каков карактер ќе добие.

Ако работам секој ден, самата изработка може да трае околу еден до два месеци. Но потоа доаѓа и фазата на „одморање“, расвирување – процес во кој инструментот се стабилизира, добива тон, зрее. Тоа не е само техничка работа – тоа е емоционален процес, затоа што секој инструмент има своја душа, свој живот. И тоа не се брза. Тоа се гради со трпение и почит.

gala-koncert-na-vejcheslav-popovski-harmonija-vo-tri-stila-klasika-film-i-koren-05.JPG

Какво е чувството да настапуваш како интерпретатор, а да знаеш дека квартетот што те придружува свири на инструменти што сам си ги изработил? За какви музичари станува збор?

Тоа е чувство кое го однесува настапот на едно повисоко ниво. Кога знаеш дека инструментите што ги слушаш на сцена се плод на твојата сопствена креација, а музичарите кои ги свират се врвни професионалци со голема љубов и почит кон музиката, тоа создава посебна хемија.

Концертот ќе биде збогатен со настапот на реномираниот Acies Quartett од Австрија и Рихард Рикон од Словачка на пијано, кои за првпат настапуваат заедно во нашата земја. Тие се музичари од светска класа, чија експресивност и мајсторство ја надополнуваат музичката приказна што ја раскажуваме. Заедно создаваме живо уметничко дело полно со душа, автентичност и длабочина.

Како е чувството кога твојот труд  е препознаен и кога твојата виолина добива светско признание?

Можам слободно да кажам дека тоа е моментот кога уметникот го поместува својот пат и дава повеќе од себе. Чест и потврда – освоив сребрен медал во Аризона на VMAAI, каде се натпреварував со признати градители од САД и Кина. Тоа ми даде огромна мотивација и увереност дека сме препознаени јас и мојата древна земја, која има богата традиција, и од тука потекнува нешто вистински квалитетно и вредно за почит и признание.

Наградата ја чувствувам како лична и национална гордост. На VSA конвенција во Индијана добив „Certificate of Merit for Violin Tone“ – што ја потврдува вредноста на уметноста од нашата област и го става македонското градителство на светската мапа. Отвараме нова врата и пат кон светски успех.

gala-koncert-na-vejcheslav-popovski-harmonija-vo-tri-stila-klasika-film-i-koren-07.JPG

Што значи за тебе гала-концертот што го организираш, и што очекуваш од публиката?

Гала-концертот е круна на долг пат исполнет со љубов кон музиката и градбата на инструменти. Тоа е момент кога ја спојувам мојата уметничка приказна како музичар и градител на инструменти. Вечерва сакаме да ја пренесеме магијата на класиката, филмската музика и македонскиот корен во едно целосно музичко патување. Од публиката очекувам отворено срце – да се препушти на емоциите, да ужива во звукот и да почувствува колку длабоко уметноста може да допре.

Кои се твоите погледи кон иднината – дали размислуваш за училиште или работилница за градба на инструменти? И каков совет би им дал на младите?

Идејата за отворање на училиште или работилница постои и сигурно е нешто кон кое ќе се движам, но во овој момент сум целосно посветен на усовршување на занаетот и постигнување на врвен тон. Верувам дека пред да го пренесеш знаењето, треба сам да го изградиш до крај. За мене, секој инструмент е нов предизвик и можност за напредок.

На младите би им порачал да ги следат своите страсти без страв. Уметноста бара искреност, истрајност и љубов. Ако ја почувствуваат магијата – истата онаа што јас ја почувствував кога ја држев старата виолина од прадедо ми – нека ја следат. Таа магија не лаже. Токму таа е патот.

gala-koncert-na-vejcheslav-popovski-harmonija-vo-tri-stila-klasika-film-i-koren-06.jpg

Би можело да ве интересира:

Нова песна од Александар Тарабунов - „Љубов“ е вуклан од емоции и сведоштво за зрелоста на еден авто... Во време кога искреноста ретко ја среќаваме во музиката Александар Тарабуно...
Тиана Димова со нова песна и прв спот - Слушнете ја „Манијак“ (видео) Песната „Манијак“ на Тиана Димова е свеж, модерен и заразно певлив сингл кој веќ...
Елвир Мекиќ ѝ подари нов музички „Дијамант“ на својата публика Откако долго време беше повлечен од музичката сцена, Елвир Мекиќ ја продолжува с...
Јован Јованов со прва соло песна по 17 години - „Не ти стои“ како најава за големиот концерт во Скоп... „Не ти стои“ е името на новата песна на Јован Јованов, негов прв соло сингл по 1...
Блаже и Стевче ќе ве освежат со летен, музички „Коктел“ полн копнеж за љубов - „Помисли на мене“ По неполни четири месеци од нивната преррходна песна, нововозобновеното македонс...
„Поради несреќата во Кочани и во чест на Сара Пројковска не сакав да ја објавам“ - Мими Јовановска з... Пеколни ноќи и очи без сјај, тоа ли заслужив. Пред мене да глумиш, а други да љу...

Најчитани неделава