Кумановскиот алтернативен бенд „Морфеј“: Креативниот процес е случај на обиди и грешки

Македонската алтернативна сцена во последниот период пополека почна да се размрдува. Излегуваат нови музички имиња, се почесто се организираат свирки и настани кои го свртуваат вниманието кон домашна продукција.

kreativniot-proces-e-slucaj-na-obidi-i-greski-01.jpg

Таков пример е и кумановскиот бенд „Морфеј“, некогашно дуо кое го сочинуваат Небојша Тодоровски (гитара и вокали) и Дарио Циевски (тапани), а од неодамна го имаат и нивниот трет член Теодор Јефремовски (бас-гитара).

Како релативно нов бенд кој свири алтернативен експериментален рок со примеси на ноис и пост-панк, формиран во 2016 година и некогашно дуо, сега имате трет член, поточно басист, кој ќе го збогати звукот. Од каде одлуката да се проширите?

По излегувањето на албумот сфативме дека треба да го прошириме и збогатиме нашиот звук. Правевме долги муабети за тоа што може следно да се случи и природна одлука дојде дека ни треба член плус.

Првиот албум беше доста експериментален и подложен на обиди и грешки. Мислиме дека со човек плус во нашата постава ќе добиеме поголема слобода во свирењето и генерално подобар звук.

Басистот е Теодор Јефремовски кој до сега немал некое посебно бендовско искуство, но комуникацијата и тоа што го покажа до сега ни звучи одлично и баш онака како што замисливме – можеби и подобро.

Ќе правиме ревизија на досегашниот материјал од „Огледало“ а за некои песни ќе има и малку различен аранжман. Во нова постава ќе може да нè видите на 3ти Февруари, на фестивалот Земјотрес 6.

Она што успеав да дознам за „Морфеј“ е дека имате нова песна, дали тоа значи дека подготвувате нов албум?

Сега за сега, фокусирани сме на вклопување на басот во песните од албумот. Имаме нова песна која се вика „Трепет“ и таа беше создадена уште пред да почнеме со Теодор.

Сè додека не се почувствуваме „усвирени“ и басот не „легне“ во бендот и генералниот звук не би требало да се впуштаме во креативниот процес. Но, никогаш не се знае.

Планираме да го продолжиме креативниот процес со инструмент плус, што сме сигурни дека ќе генерира некои нови идеи и звук кој до сега не сме го откриле. Можеме да кажеме дека треба да очекувате нешто уште подобро извајано и пософистицирано понатаму.

Секогаш ги прашувам музичарите за креативниот процес, за оние мигови кога се соединуваат со музиката и стануваат едно нешто. Од каде ја црпете енергијата за од себе да исфрлите такви музички нумери?

Креативниот процес, како што знаеш и самиот, не е нешто што може да се повика по желба. Најчесто е случај на обиди и грешки, се пробува да се создаде нешто се додека естетското во нас не се согласи со тоа што го слуша или гледа.

Најчесто, она што излегува од нас е збир на различни влијанија, дали тоа ќе бидат музички, ситуации од животот или пак било која друга форма на уметност. Низ преплетеноста на сите овие фактори се создава нешто што е наше, нешто што до сега не сме го чуле, а би сакале да го чуеме.

Музиката е јазик низ кој искажуваме работи кои вака (со обичниот јазик) не би можеле да ги кажеме.

kreativniot-proces-e-slucaj-na-obidi-i-greski-02.jpg

Неколкупати имате свирено во „Агора“, Куманово, поминавте и во „Take Five“, Прилеп, како и во „Артикултура“, Битола. Имавте самостоен концерт во МКЦ и „Винил“, па од ваше досегашно искуство, може ли да ни кажете каква е македонската публика и каде се случи последниот настап?

Последен настап ни беше на 23-ти декември на концертот во чест на Тамара. Ни беше чест да бидеме дел од таков настан и заедно со другите бендови да се обидеме да пренесеме важна порака во врска со нашиот сообраќај.

Од сите овие искуства можеме да кажеме дека македонската публика е желна за нешто ново, повторливоста на нашата сцена треба малку да се протресе. Се обидуваме да донесеме нешто ново на алтернативната сцена, што само по себе доаѓа со доза ризик кој сме желни да го прифатиме.

И сега како за крај сакам да ве прашам каде се гледате за година дена?

За година дена, се гледаме „усвирени“ со Теодор и најверојатно при крај со спремањето на вториот албум. Не е лесно да се прават планови кога си музичар.

Се случуваат непредвидливи работи и плановите што ги правиш често се подложни на влијание од околината. Но, има една константа во целата ситуација, а тоа е желбата за свирење, иновативност и туркање на границите на звукот.

Да се надеваме дека константата ќе нè одржува да бидеме активни и да продолжиме со уште поголем жар кон музиката.

kreativniot-proces-e-slucaj-na-obidi-i-greski-03.jpg

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Нова песна на Мијата - „Ти биди свој“ (видео) Нашата пејачка Наташа Мијатовиќ -или само Мијата, ја промовира песната „Ти биди ...
Пајак конечно со прв студиски албум: „2000 и некоја“ носи дуети со Тајзи, Јован и Елвир, Тони Зен и ... Албумот носи природна динамика, од енергични, модерни песни до поинтимни и повле...
Светски музичари и балканска емоција: Огнен Здравковски со песна што се слуша „До неба“ Емоција, моќен вокал и песна што „влегува во уво“, што се вели, у...
„Ангелски здив“ - нова песна на Мето Ди Флеш и Ана Петановска за ангелите од Кочани Со силна емоција, искрена почит и длабока човечка болка, излезе новата песна „Ан...
Блаже и Стевче ќе ве освежат со летен, музички „Коктел“ полн копнеж за љубов - „Помисли на мене“ По неполни четири месеци од нивната преррходна песна, нововозобновеното македонс...
„Седатив“ носи нова енергија: Марија Спасовска со деби албум и силна музичка порака (видео) Денеска, пред присуство на медиуми, соработници и гости, младата пејачка  М...

Најчитани неделава