Бесмртни медузи, лигни долги 13 метри: Мистерии во океаните и морињата кои допрва треба да ги решиме
Џиновските лигни кои веројатно ги инспирирале приказните за морските чудовишта навистина постојат и најголемата единка која е забележана е долга дури 13 метри.

Околу 70% од Земјата е покриена со вода, но ова не значи дека знаеме што се случува под површината на морињата и океаните.
Односно, поголемиот дел од она што го има на Земјата е мистерија дури и за експертите.
Дел од најчудните работи во океаните и морињата кои уште се енигма за експертите:
Не знаеме скоро ништо за дното на океаните
Сигурно сте слушнале дека знаеме повеќе за површината на Марс, отколку за дното на океаните. И, ова донекаде е вистина.
Истражувањето на океанското дно е навистина тешко изводливо поради огромниот притисок од водата, но и поради фактот што по одредена длабочина воопшто не допира сончева светлина.
Експертите донекаде имаат успеано да го мапираат дното, но со многу мала резолуција, што значи допрва нè чекаат уште истражувања и откритија.
Моментално се работи на амбициозен проект познат како Seabed 2030 во кој соработуваат експерти од целиот свет со цел да создадат комплетна мапа на целото дно на океаните.
Тие проценуваат дека засега се мапирани само некои 19% од целото дно, но се надеваат дека со овој проект ќе ја мапираат останата површина до 2030 година.
Феноменот познат како „млечно море“ претставува мистерија
Кога се појавува овој фасцинантен природен феномен, изгледа како површината на водата да има млечнобела боја, па дури и како да свети.
Во минатото била забележувана од многу морепловци кои, очекувано, се плашеле од појавата, па и мислеле дека е навестување на некакво зло.
Денес експертите веруваат дека феноменот настанува поради биолуминисцентни бактерии кои можат да произведат светлина.
Кога се собираат во огромен број, се појавува и феноменот. Сепак, не е целосно јасно кои услови се потребни за да се појави феноменот, ниту зошто бактериите се групираат во толку големи броеви.
И џиновските лигни се енигма за експертите
Се верува дека џиновските лигни ги инспирирале приказните за огромните водни чудовишта кои можат да потонат цел брод.
Со години се верувало дека се само мит, но во 2004 година научниците успеаја да фотографираат џиновска лигна. Најголемата што е забележана досега е долга дури 13 метри, но сосема возможно е да има и поголеми единки.
Иако се огромни, џиновските лигни е тешко да се лоцираат бидејќи се претпоставува дека живеат на длабочина од околу 600 метри. Поради ова, сè околу нивното постоење е обвиено со мистерија.
