Откриен идентитетот на „Мумијата која вреска“ во музејот во Каиро

Во 1881-ва година во Египет била пронајдена мумија, која на посмртниот живот не била подготвена според строгите правила и јасно одредените верски обреди кои се почитувале за време на Новото кралство.

otkrien-identitetot-na-mumijata-koja-vreska-vo-muzejot-vo-kairo-01.jpg

Кога во 1886-та година археолозите ја одвиле мумијата, биле запрепастени од страшниот изглед на згрченото лице на мумифицираниот заради што мумијата го добила неофицијалното име „Мумијата која вреска“.

Мумијата била најдена во саркофаг на кој немало ниту име, ниту симболи од семејството на мумифицираниот кои би се искористиле за идентификација. Заради тоа, мумијата во музејот во Каиро била заведена под името „Непознатиот маж Е“.

По повеќе од сто години, египтолозите повторно започнале да се занимаваат со разрешување на оваа загатка. Меѓу различните теории кои постојат за идентитетот на оваа мумија за изненадување на сите, анализите покажуваат дека најверојатна е таа во која малкумина верувале.

Најчестите теории биле дека „Непознатиот маж Е“ бил убиен војник или принц со странско потекло и затоа не бил мумифициран по строгите правила.

Се покажало дека зад името „Непознатиот маж Е“ се криел принцот Пентавер, синот на Рамзес Трети, кој предизвикан од својата мајка, кралицата Тије, извршил атентат врз својот татко.

Првата жена на Рамзес Трети, Тије, била љубоморна на новата жена на Рамзес која била помлада и поубава од неа. Тије сакала да го осигури престолот за нејзиниот син Пентавер, заради што го убедила својот син да изврши таков чин.

Атентатот најверојатно успеал со оглед на тоа што египтолозите во 2012 година откриле дека Рамзес Трети умрел бидејќи неговиот врат бил пресечен.

Кога дознале за атентатот, кралските соработници ги казниле Пентавер и неговата мајка со смртна казна. Заради тоа што бил син на фараон (генетските анализи потврдиле дека Пентавер е син на Рамзес Трети), Пентавер имал право сам да си го одземе животот.

За таа цел Пентавер подготвил отровна напивка која ја испил, на што укажува и згрчениот израз на неговото лице. Но, тука не бил крајот на казната.

Казната укажувала дека страдањата мора да продолжат и по смртта, заради што Пентавер не бил мумифициран, туку бил само завиен во овча кожа и погребан.

Заради поволните климатски услови, неговото тело било мумифицирано на природен начин и затоа можеме и ние после толку време да дознаеме за овој убиец кој си го одзел животот.

Од март оваа година мумијата на Пентавер е изложена во музејот за египтологија во Каиро.

М. Н. | Црнобело

Веста за ова откритие е преземена од месечникот „ГЕА“, март 2018 при што оригиналната статија е модифицирана и приспособена на македонски јазик.

Би можело да ве интересира:

Ноемвриската супермесечина ќе биде најголема и најимпресивна за 2025-та – како да ја набљудувате веч... Вечерва на ноќното небо ќе можеме да ја видиме ноемвриската супермесечина – втор...
Како да го гледате вечерашното целосно затемнување на Месечината? Вечерва, почнувајќи од 19:30 часот, на небото ќе можеме да го видиме целосното з...
Астронаут крсти месечев кратер по починатата сопруга, срушија рекорд: Како помина најважниот дел од ... Ја видоа Месечината одблиску, сведочеа на соларна еклипса, изгубија контакт со З...
Сè што треба да знаете за мисијата што ќе нè врати на Месечината (и како да го следите лансирањето н... Ако временските прилики се добри и ако не се појават технички проблеми, утре чет...
Како изгледа животот на астронаутите во минијатурната капсула, на патот до Месечината? Имаат неколку опции за храна, како оброци со месо и зеленчук кои се дехидрирани....
Успешно полетување, но мали проблеми со тоалетот: Како помина лансирањето кон Месечината? (фото+виде... Синоќешното лансирање на Артемида 2 помина беспрекорно, а сега, неколку часа под...

Најчитани неделава