Милионски долгови од пред 10 години, планови за OnlyFans за да заработи нешто: Финансиските проблеми на Тори Спелинг
- Детали
- четврток, 19 јуни 2025
Неодамна Тори Спелинг доби (уште една) тужба за неисплатен долг, и тоа во износ од околу половина милион долари. Се проценува дека со сите долгови, таа е во минус околу 1,2 милиони долари, а лани кажа дека некогаш размислувала и да направи профил на OnlyFans за да може да им го плати факултетот на децата.

Иако имаше една од главните улоги во култната серијата Beverly Hills, Тори Спелинг е многу попозната како богаташката која остана без пари.
Нејзиниот татко Арон Спелинг остави богатство од околу 600 милиони долари по својата смрт. Но, бидејќи Тори отсекогаш била неразумна со парите, татко ѝ ѝ оставил само 800.000 долари.
Тори била неразумна и со оваа сума, па низ годините постојано се бори со финансиски проблеми.
До лани, 52-годишната актерка беше во брак со Дин Мекдермот, а ни тој не бил нешто подобар во менаџирањето со парите.
Финансиските проблеми со кои се соочува Тори:
Неуспешни обиди за заработка
Иако и двајцата се актери, Тори и Дин пробуваа да заработат со продавање на луксузни куќи – ги купуваа, ги реновираа и ги продаваа. Но, скоро секогаш ги продаваа со загуба.
На пример, во 2008 година купија куќа за 2,1 милиони долари, вложија огромна сума за да ја реновираат, а на крај ја продадоа за помалку 2 милиони.
Тие живееја во секоја куќа што ја реновираа, па во периодот додека беа во брак се преселија можеби и повеќе од 15 пати.
Тужби за неисплатени кредити
Лошиот бизнис план не беше единствената причина за финансиската пропаст на Тори – таа редовно подигала кредити кои подоцна не ги исплаќала.
Во 2016 година, доби тужба од банка за долг од 37.000 долари, а следната година истата банка ја тужеше за долг од 87.000 долари.
Актерката доби тужба и од компанија која издава простор за складирање, за неисплатен долг од над 16.000 долари.
Сега, пак, Тори и Дин добиле тужба од уште една банка, за долг од пред десетина години. Имено, таа и Дин подигнале кредит од дури половина милион долари и уште ги немале исплатено парите.
Тори честопати не се појавува на суд, со што само си ги зголемува казните што треба да ги плати.
Притоа, и таа и Дин беа тужени и за неплатен данок во износ од неколку стотици илјади долари.
Дин Мекдермот ѝ беше дополнителен товар
Дин Мекдермот е далеку од успешен актер, па ретко кога имал приходи од филмската индустрија. Поради ова, на некој начин, тој ѝ беше дополнителен товар на Тори.
Тој имаше депресија, но и проблеми со зависност, што уште толку им ја отежнувала целата финансиска ситуација во домот.
Со Тори двапати пробаа да снимаат ријалити шоу, но и двете шоуа беа откажани, а парот не заработи скоро ништо.
Па, ни двајцата немаат стабилен приход.
Тори мака мачи и по разводот
Тори и Дин го финализираа разводот минатата година, а оттогаш на Тори не ѝ е лесно да застане на нозе.
Најпрво беше видена со нејзините деца во евтин мотел, а потоа живееја и во камп-приколка. Тогаш Тори тврдеше дека во домот имале проблеми со мувла и додека да се реши, морале да спијат во приколката.
Сепак, се чини дека никој не ѝ верува, односно повеќето мислат дека не може да си дозволи стан или куќа.
Во меѓувреме, јавноста ја критикува мајка ѝ Кенди Спелинг. Таа доби најголем дел од парите на Арон Спелинг, па е осудувана бидејќи не ѝ помага на ќерка си.
Но, Кенди тврди дека пробува да ѝ помогне, само што Тори одбивала.
Размислувала да отвори и профил на OnlyFans
Во 2023 година, кога Дениз Ричардс си направи профил на OnlyFans, Тори Спелинг се пофали дека и таа си направила профил, но со лажно име, за да ја поддржи. И, веднаш потрошила над 400 долари.
Бидејќи сфатила колку лесно се заработува, изјави дека можеби и таа ќе почне да објавува содржини на платформата, за да може да им плати факултет на децата.
Таа истакнува дека денес платформата била „трансформирана“ и не морало да снима порнографска содржина за да заработи.
„Денес има и комичари и готвачи… Тоа се видеа за кои луѓето плаќаат да ги гледаат. Има и актерки кои снимаат секакви видеа.
Можеш да бидеш во бикини или нешто разголено или да ти платат повеќе и да покажеш нешто повеќе, на пример фотка на која ти се гледаат градите“, изјави актерката во интервју во нејзиниот поткаст.
Моментално Тори пробува да заработи преку поткастот, некои реални шоуа како Dancing with the Stars, а има издадено и книга која и носи некој минимален приход.
До мај 2025-та, нејзиното богатство се проценува на околу 150.000 долари. Сепак, некои извори тврдат дека кога ќе се земат предвид и долговите, Тори е всушност 1,2 милиони долари во минус.
Спирова С. | Црнобело
