Третмани со семена течност од лосос, ласерска операција на челото: Клои Кардашијан откри кои корекции ги има направено
- Детали
- вторник, 01 јули 2025
Во коментар на Инстаграм видео, Клои Кардашијан откри какви сè корекции има направено – од ботокс и лифтинг, до операција на носот. Некои ѝ даваат комплименти, особено за транспарентноста, но некои сметаат дека претерала и дека веќе не личи на себе.

Не е тајна дека сестрите од кланот Кардашијан-Џенер имаат направено низа корекции на лицето и телото, но генерално само се шпекулира за тоа која направила што.
Неодамна, Кајли Џенер откри какви силикони има ставено, и тоа во коментар на видео каде што добива комплимент за изгледот на градите.
Сега, и сестра ѝ Клои го следеше нејзиниот пример, па во коментар на видео за нејзините процедури, откри што сè има направено.

Видеото е направено од пластичниот хирург Џонатан Бетериџ кој вели дека Клои изгледала прекрасно на свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез.
„Клои Кардашијан вчера наполни 41 година и за мене, таа се истакнуваше на свадбата на Џеф Безос и Лорен Санчез. Розовиот фустан беше чист гламур, а таа го носеше со самодоверба.
Клои се има променето многу изминативе неколку години. Иако отворено зборува за слабеењето и фитнес рутината, веројатно нејзината трансформација вклучува и неколку козметички процедури“, пишува во описот на видеото.

Докторот вели дека Клои веројатно има направено лифтинг на веѓите, корекција на очните капаци, ринопластика (операција на носот), има ставено филер на усните и имплант на брадата, како и дека има направено лифтинг на лицето и вратот.

Тој истакнува и дека процедурите што ги има набројано се само негова претпоставка.
Според коментарот на Клои, докторот погодил некои работи.

„Го сфаќам ова како голем комплимент! Најпрво, разликата меѓу фотографиите (во видеото) е околу 15 години, но и имам направено некои работи. Отсекогаш сум била отворена за моите корекции, па еве што имам направено:
- операција на носот,
- ласерско отстранување влакна на линијата на косата и на целото тело,
- ботокс и Sculptra (вид филер) каде што ми беше отстранет туморот на лицето,
- ласерски третман за осветлување на кожата
- филери во минатото, но не последниве неколку години (слушам дека никогаш не се разградува па сигурна сум дека имам уште)
- ослабев 36 килограми
- collagen baby threads (минимално инвазивна процедура за лифтинг и затегнување на кожата)
- третмани за лице со спрема од лосос, редовни други третман на лице, пептиди, витамини и секојдневна нега на кожа.
Во 2025-та има многу работи што можеме да ги направиме пред операција, но кога ќе дојде време, и ако сакам, знам некои добри доктори“.

Дел од корисниците кои коментираат на видеото сметаат дека Клои претерала и дека веќе не личи на себе.
Но, повеќето имаат комплименти, особено за транспарентноста.
„Изгледаш прекрасно. Сè уште си истата, но со мали промени“.
„Мислам дека Клои изгледа прекрасно. Корекциите не ѝ го променија лицето, туку само ги истакнаа нејзините карактеристики“.
„Изгледа убаво и среќно и тоа е најважно“.
Спирова С. | Црнобело