„Пробаа да ме киднапираат, ме силуваа, имав анорексија“ - Некогашна тинејџерска ѕвезда за мрачната страна на филмската индустрија
- Детали
- четврток, 21 август 2025
„Беше бизарно и страшно кога одев на аудиции со возрасни мажи и јас, на 13-14 години, требаше да ги заведувам за да добијам улога“, открива актерката Алисон Стонер која се прослави во тинејџерските години, но се повлече од индустријата поради многуте трауми.

Можеби името Алисон Стонер не ви звучи познато, но доколку сте ги гледале тинејџерските филмови на Дизни, сигурно ќе ја препознаете.
Алисон се прослави со улогата во Camp Rock, каде глумеше рамо до рамо со Деми Ловато, иако ја почна актерската кариера многу порано, уште на 9-годишна возраст.
Се имаше појавено и во други популарни тинејџерски филмови, како Step Up, но и покрај популарноста, одеднаш како да исчезна.
Сега, 32-годишната Алисон објави мемоари во кои откри што сè преживеала како тинејџерска ѕвезда – од борба со анорексија поради нереалните стандарди за младите актерки, до силување и обид за киднапирање.
И, со ова стана уште една од низата ѕвезди кои зборуваат за мрачната страна од славата на рана возраст.
Што откри Алисон во своите мемоари?
Првата улога ѝ била бегство од проблемите дома
На 9-годишна возраст, Алисон ја добила првата улога во филм – Cheaper by the Dozen со Стив Мартин во главната улога.
Во тој период, ситуацијата во нејзиниот дом била далеку од добра – нејзините родители биле разведени, мајка ѝ била алкохоличарка, а нејзиниот нов сопруг бил насилен.
Па, филмскиот сет ѝ бил како бегство од ситуацијата во нејзиниот дом.
Преживеала обид за киднапирање
По улогата во Camp Rock, Алисон стана една од најпознатите тинејџерски ѕвезди. Но, ова значело дека стекнала и опсесивни фанови кои претставувале опасност за нејзината безбедност.
Во мемоарите Алисон раскажува ситуација кога добила барање од обожавател со смртоносна болест да ја запознае.
Наивна, и сакајќи да помогне, Алисон прифатила. За среќа, мајка ѝ сфатила дека целата ситуација била план за Алисон да остане насамо со „обожавателот“ кој всушност сакал да ја киднапира и потоа да бара откуп за неа.
И, средбата никогаш не се случила.