Сопругата и љубовницата речиси се степале, ја посвоил ќерката за да ја заштити: Факти за Лајонел Ричи
- Детали
- сабота, 04 октомври 2025
Во новите мемоари, Лајонел Ричи зборува за најсрамниот момент од неговиот живот – кога бил на гости кај љубовницата, дошла неговата сопруга. Иако биле разделени, брзо избувнала караница, а на крај соседите викнале и полиција.

Со четири Греми награди, кариера која трае неколку децении и богатство кое изнесува над 200 милиони долари, Лајонел Ричи важи за еден од најпознатите и најуспешните музичари во светот.
Во своите 76 години, пејачот се соочил со сè и сешто, а неодамна реши да ги преточи своите искуства во мемоари.
Во книгата, пак, ги открива и „најсочните“ детали од животот, како караницата меѓу неговите поранешни сопруги, лошата хигиена на Мајкл Џексон, но и личните битки со АДХД и депресија.
Факти за легендарниот Лајонел Ричи:
Имал низа проблеми со менталното здравје
Пејачот вели дека целиот живот имал АДХД, но бидејќи растел во 1950-тите, не добил соодветна дијагноза.
Имал проблеми со концентрацијата, бил премногу хиперактивен, а бидејќи му било невозможно да си го организира времето, постојано доцнел, дури и на особено важни настани.
Но, во мемоарите се шегува дека неговото доцнење било засенето од неговиот добар пријател, пејачот Стиви Вондер.
„Тој беше гениј и една од најдобрите личности на планетата, но многу доцнеше“, пишува пејачот.

Тој открива дека страдал од депресија и анксиозност, предизвикани од низа лични проблеми.
Лајонел помина низ два бурни развода – во 1993 и во 2004-та – по кои вели дека се чувствувал „скршено“.
Извесен период имал и проблеми со гласните жици, па било неизвесно дали ќе може да продолжи со кариерата. Голем удар за него била и смртта на татко му во 1990 година.
Кога му се насобрале многу проблеми, Лајонел открива дека доживеал и нервен слом.

Тогаш бил на Јамајка, сам, па пет дена не правел ништо освен што се опивал.
Лежел на брегот на плажата, а вработените од хотелот секоја вечер го легнувале на лежалките, за да не се удави.
„Тогаш си мислев дека можеби би било добро и да се удавам“, вели пејачот.
По неколку мизерни денови, сретнал постар маж од Јамајка кој му бил обожавател. И, тој некако успеал да го убеди да се врати на нозе.
Лајонел открива дека истата вечер фатил лет за САД и отишол во куќата на мајка му.
Оттогаш пејачот вели дека научил да се справува со лошите мисли – покрај тоа што одел на терапија, почнал да одгледува растенија што значително му помогнало.

Многу го сакал Мајкл Џексон, и покрај неговата лоша хигиена
Во мемоарите Лајонел честопати го спомнува Мајкл Џексон со кого се дружел уште од тинејџерските години.
Иако во индустријата биле противници, приватно, пејачот вели дека нивната врска била заснована на почит и разбирање.
Тој открива дека пејачот бил извонреден артист, но дури и кога пораснал, делувал како мало дете изгубено во светот на возрасните.

Лајонел сподели и помалку познат детаљ за Мајкл Џексон – речиси и да не внимавал на својата лична хигиена.
Честопати носел валкана облека, ретко ја миел косата, а музичкиот продуцент Квинси Џонс го нарекувал „смрдлив“.
„Секојпат кога Мајкл доаѓаше кај мене, фармерките му паѓаа или му беа многу кратки и… смрдеа“, пишува пејачот.
Но, тој споделува и дека причината за ова било тоа што Мајкл бил толку популарен, што не можел ни да си ја носи облеката на хемиско бидејќи луѓето му ја краделе.
Дури и кога биле во хотели, се случувало вработените да му ја украдат облеката.
„Па, стекна навика да ги носи истите алишта до последно“.

