Камерон Дијаз гордо си ги носи брчките: „Подобро да гледам како стареам, отколку да имам лице што не е мое“
- Детали
- недела, 09 ноември 2025
„Сум пробала ботокс порано. Ми го промени целосно лицето на многу чуден начин и си реков – Не, не сакам да бидам ваква, подобро ќе гледам како ми старее лицето, отколку да имам лик што воопшто не ми припаѓа на мене. Не ми пречат моите линии кои се појавуваат кога се смеам“ - зборовите на Камерон Дијаз за природната убавина вирално се споделуваат деновиве како потсетник за сите кои паѓаат под влијание на стандардите за убавина.

Пред 10-тина години, Камерон Дијаз се повлече од филмската индустрија за да се посвети на семејството.
Таа е во брак со Бенџи Маден од 2015-та, а имаат две деца, ќерката Радикс (родена во 2019) и синот Кардинал (роден во 2024).

Долго време ја немаше во јавност, не се појавуваше на настани и не беше забележана од никого, сè до почетокот на 2025 за промоција на новиот филм со кој направи камбек по една деценија.

Оттогаш, таа неколкупати беше забележана на црвен тепих, во емисии, но повеќе на лежерни прошетки, а она што на многумина им остави впечаток, е нејзиниот природен изглед.

Дијаз е една од ретките холивудски ѕвезди кои одлучуваат да стареат природно и не се срамат од своето вистинско лице, дури и со брчки.
Таа се гордее со својата природна убавина, но пред неколку години призна дека е невозможно да остане неафектирана од стандардите за убавина и критиките за изгледот.
„Тешко е да се погледнеш и да не се осудиш според показателите за убавина.
Седиш пред огледало и едноставно е токсично.
Почнуваш да се распарчуваш“ – изјавила таа, но вели дека овие токсични мисли ги имала во холивудските денови, а откако е повлечена, не размислува секојдневно на изгледот.

Камерон има зборувано и за тоа што ги добила децата на повозрасни години, па мајките на нивните врсници се многу помлади од неа, но вели дека не ѝ пречи староста, туку само сака да биде витална за нив и да може да ги прави сите забавни работи како и помладите.
Во една прилика, се има отворено и за потпаѓањето под влијание и обидот да се подмлади, но и зошто избрала сепак да остане природна и да се фокусира само на правилна исхрана, виталност и одржување на сјајот на природен начин.

