Познатиот режисер Роб Рајнер и негова сопруга најдени мртви во нивниот дом – имаат рани од нож, уште се трага по убиецот
- Детали
- понеделник, 15 декември 2025
Режисерот на When Harry Met Sally синоќа бил пронајден мртов во неговиот дом, заедно со неговата сопруга. Телата ги пронашла нивната ќерка, а полицијата цели дека уште трага по сторителот. Роб Рајнер има режирано низа класици како Stand By Мe, The Princess Bride, Misery, A Few Good Men…

Роб Рајнер, за јавноста најпознат како режисерот на When Harry Met Sally, и неговата сопруга Мишел биле пронајдени мртви во нивниот дом.
Иако истрагата е во тек, надлежните веруваат дека станува збор за двојно убиство.
Во неделата (14.12) навечер, полицијата од Лос Анџелес потврди дека биле пронајдени телата на 78-годишен маж и 68-годишна жена, за набрзо потоа да споделат дека жртвите се режисерот и неговата сопруга.
Имале убодни рани од нож, па засега се верува дека ова е причина за смртта.
Според изворите на People, телата ги пронашла нивната ќерка Роми, која потоа ја повикала полицијата.
Во меѓувреме, и портпарол на семејството на режисерот ја потврди страшната вест.
„Со голема тага ја соопштуваме трагичната смрт на Мишел и Роб Рајнер. Срцата ни се кршат од оваа ненадејна загуба и молиме за приватност во овој премногу тежок период“.
Според изјавите на надлежните, засега нема осомничени и уште никој не е приведен за страшното убиство.
Исто така, телата на режисерот и сопругата уште биле во нивната куќа.
„Ќе зборуваме со секој член од семејството за да ги добиеме потребните факти за истрагата“, сподели началникот на полицијата на Лос Анџелес.
Ќерката на парот што ги пронашла нивните тела наводно живеела во непосредна близина со нејзините деца.
За трагедијата се огласи и градоначалничката на Лос Анџелес, која сподели дека смртта на режисерот е огромна загуба не само за неговото семејство, туку и за филмската индустрија и целата земја.
Роб Рајнер ја почна кариерата во индустријата како актер во 1970-тите.
Освои неколку престижни награди, за во 1980-тите да си ја проба среќата како режисер.
И, во наредните две децении стекна репутација на еден од најдобрите холивудски режисери.
Покрај популарниот When Harry Met Sally, Роб има режирано низа класици како Stand By Мe, The Princess Bride, Misery, A Few Good Men…
Иако главно се фокусираше на режијата, Роб повремено се појавуваше и како актер. Една од неговите попознати улоги од поново време е во The Wolf of Wall Street на Скорсезе, каде што го глуми таткото на Џордан Белфорт (Леонардо ди Каприо).
Сепак, филмот When Harry Met Sally е неговото најголемо достигнување во кариерата и се смета за една од најдобрите романтични комедии на сите времиња.
А, токму на сетот на филмот тој ја запозна и сопругата Мишел.
Тие се венчаа во 1989 година и заедно добија три деца – синовите Џејк и Ник, како и ќерката Роми.
Спирова С. | Црнобело
