Има церебрална парализа, речиси го изгубил животот на 13 години: Кој е братот близнак на Ештон Кучер?
- Детали
- недела, 15 февруари 2026
Знаевте ли дека Ештон Кучер има брат близнак? Мајкл Кучер се родил со пречки во развојот, а доби дијагноза за церебрална парализа пред да тргне на училиште. Кога, пак, му била потребна трансплантација на срце, Ештон откри дека бил подготвен да се самоубие за да му го подари своето срце.

Сигурни сме дека знаете кој е Ештон Кучер, но веројатно не знаете дека тој има брат близнак кој за разлика од него, се држи настрана од јавноста.
Мајкл Кучер се соочил со задоцнет развој, па на многу рана возраст бил дијагностициран со церебрална парализа.
Иако не е лесно да се живее со болест која му го ограничува движењето, Мајкл има огромна поддршка од својот брат и активно се залага за зголемување на свеста за проблемот што го има.
И, во најмала рака, неговата приказна е мошне инспиративна.

Што знаеме за братот на Ештон Кучер?
Се родил со многу здравствени проблеми
Мајкл и Ештон Кучер се родени на 7-ми февруари 1978-ма. Но, додека Ештон бил здраво бебе, истото не можело да се каже за Мајкл.
Кога се родил имал само 1,8 килограми, белите дробови му биле неразвиени и имал тешкотии со дишењето.
Нивните родители, пак, биле изненадени бидејќи очекувале само едно дете.

По неколку недели во болница, Мајкл бил пуштен дома, но проблемите со здравјето не завршиле овде.
„Мајка ми забележала дека имам пречки во развојот, дека брат ми напредувал побрзо, па почнала да ме носи по лекари“, има изјавено Мајкл.
По низа прегледи, Мајкл бил дијагностициран со церебрална парализа додека бил на претшколска возраст.

Речиси го изгубил животот во тинејџерските години
Поради церебралната парализа, Мајкл има проблеми со видот, говорот и одењето. Но, со поддршката од семејството, имал релативно нормален живот.
Сепак, на 13-годишна возраст, добил уште една дијагноза – сериозни проблеми со срцето.
Лекарите дури предвиделе дека има помалку од еден месец живот пред да се соочи со фатален срцев застој.

Како и што прогнозирале лекарите, околу три недели по дијагнозата, срцето на Мајкл престанало да чука и единствениот спас била трансплантација на срце.
Пред неколку години Ештон откри дека бил подготвен да изврши самоубиство, само за да може да му го подари своето срце на брат му.
За среќа, по неколку денови бил најден соодветен донор и операцијата била успешно направена.
Но, и овој пат лекарите немале многу добра прогноза – рекле дека Мајкл ќе живее околу седум години. Очигледно погрешиле бидејќи Мајкл е жив и е во добра состојба.
