Скандалите на Лука Дончиќ - Со години се судеше со мајка му, сега води правна битка со бившата свршеница
Ова не е прв судски процес на Лука со некој од своите најсакани.
Неговото име се врзуваше со судски скандал и пред неколку години, кога ја тужеше сопствената мајка, Мирјам Потербин.
Имено, на 13-годишна возраст Лука се пресели во Реал Мадрид, каде што брзо стана едно од најголемите чуда на европската кошарка и постигна историски успех - ја освои Евролигата во 2018-та, кога беше прогласен и за најкорисен играч на завршниот турнир.

Истата година, тој отиде во НБА лигата, каде што беше избран од Атланта Хокс на драфтот, но веднаш беше продаден на Далас Маверикс, и во нивниот дрес стана една од најголемите ѕвезди во лигата.
Но, во 2018-та, кога Дончиќ штотуку ја започнуваше својата НБА кариера (на свои 19 години), тој ѝ дал согласност на мајка си да регистрира бренд „Лука Дончиќ 7“, кој се користеше во разни бизнис и маркетинг проекти.
Како што неговата кариера одеше напред, Дончиќ сакаше да преземе целосна контрола врз сопственото име и бренд преку нова компанија и самиот да управува со своите бизнис проекти.

Но, тој наиде на проблем затоа што трговската марка со неговото име веќе беше регистрирана и тоа на име на неговата мајка.
Тој почна постапка пред Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД за поништување на постоечката трговска марка и се обиде да регистрира нов бренд наречен „Лука Дончиќ 77“, но тоа барање беше одбиено - надлежните проценија дека ова е премногу сличен бренд на веќе постоечкиот.

Дончиќ во постапката тврдеше дека неговата мајка не го користи стариот бренд на американскиот пазар, ниту пак покажала намера да го користи, а Мирјам Потербин велеше дека го регистрирала трговскиот бренд со писмена дозвола од нејзиниот син.
Спорот се одолговлекуваше со години, до почетокот на 2023-та, кога Дончиќ ја повлече тужбата, а мајката и синот очигледно постигнаа договор и официјално го завршија правниот спор.
Денес тие се во одлични односи, а Мирјам често споделува фотки од Лука на Инстаграм, ги следи неговите натпревари и успеси и се фали со неговите достигнувања.

Прочитајте и Лука Дончиќ потврди дека ја раскинал свршувачката, ќерките ги нема видено со месеци: „Ќе се борам за моите деца“
А. Ј. | Црнобело
