Обиди за самоубиство, закани по живот: Како (токсичен) форум за озборување им ги уништува животите на славните?
- Детали
- четврток, 02 април 2026
Ако мислевте дека коментарите на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок се токсични, тогаш веројатно не сте слушнале за Tattle Life – британски форум чија единствена цел е критикување, навредување и омаловажување на јавните личности. Онлајн малтретирањето е толку истакнато, што има случаи со обид за самоубиство поради одвратните коментари.

Говорот на омраза е сè поприсутен благодарение на интернетот. Кога луѓето имаат опција да се скријат зад тастатура, се чини дека излегува најлошото од нив.
Сигурно и самите сте биле сведоци на коментари и онлајн објави каде луѓето навредуваат некој, најчесто позната личност, со зборови што сигурно не би ѝ ги кажале во лице.
Јавните личности донекаде се навикнати на критиките насочени кон нив не бидејќи сакаат, туку бидејќи мораат и ретко кој одговара за она што го кажува онлајн.
Но, некогаш овие критики преминуваат и во малтретирање и онлајн булинг, што секако се одразува врз луѓето кон кои се насочени.
Најпопуларните социјални мрежи, како Фејсбук и ТикТок не се местото каде што ги има најодвратните коментари.
Таканаречениот „рај за тролови“ е всушност форумот Tattle Life кој е платформа за озборување на славните личности.
Работите што се пишуваат овде се толку одвратни, што некои јавни личности имаат изјавено дека им го уништиле животот.
Притоа, имало ситуации и кога на форумот биле објавувани лични документи на јавните личности.
Една од ѕвездите кои имаат прозборено за Tattle Life е Кејти Прајс која вели дека форумот е најлошата платформа за „тролање“ што ја има видено.
Tattle Life е во функција од 2017 година, а во описот на насловната страница пишува дека е:
„Веб-сајт за коментари за јавни бизнис профили на социјалните мрежи.
Овозможуваме коментари и критики за луѓе со значителен број следбеници, кои избираат да го монетизираат нивниот живот како бизнис и да го објавуваат во јавниот домен, односно се инфлуенсери“.
Под овој опис е нагласено дека платформата има нула толеранција за говор на омраза и дека коментарите што ги прекршуваат овие правила се отстранети.
Сепак, изгледа реалноста е поразлична.
Свесен за содржината на неговата платформа, основачот на Tattle Life беше анонимен сè до минатата година.
Платформата се соочи со тужба за клевета и вознемирување, па јавноста дозна дека личноста која стои зад неа е Себастијан Бонд.
Се претпоставува дека од платформата тој заработува и до 200.000 долари годишно, главно преку реклами.