Обиди за самоубиство, закани по живот: Како (токсичен) форум за озборување им ги уништува животите на славните?
Што се однесува до Кети Прајс, таа има изјавено дека на форумот видела стотици коментари од анонимни корисници за нејзиниот изглед, но сретнала и говор на омраза насочен кон нејзиниот син кој има пречки во развојот.
„Навистина е страшно она што се пишува за мене на страницата.
Малтретирањето е незамисливо, особен кога е вмешано и моето семејство“, вели Кети.
Поради постојаното малтретирање од страна на корисниците, Кети вели дека неколкупати имала криза со менталното здравје, а почнала да размислува и за самоубиство.
Кети вели дека на форумот завршиле и нејзини лични документи, како и пораки од нејзиниот приватен мејл.
И ќерката на Џереми Кларксон, Емили, се има огласено за форумот.
Таа сподели дека корисниците ја најавиле нејзината бременост пред неа, а потоа се изначитала одвратни коментари за изгледот на нејзината свадба. Поради ова, одела на терапија.
Инфлуенсерката Карли Ровина исто така имала лошо искуство со форумот – кога син ѝ бил во болница, корисниците пишувале дека таа била виновна за него, па дури и ја обвинувале дека лаже за внимание.
Таа истакнува и дека изминативе пет-шест години, на форумот постојано објавувале каде точно живее, па дури и кои се адресите на нејзините родители.
Некои јавни личности и инфлуенсери нашле и приватни фотографии на форумот, што самите воопшто не ги споделиле, како фотки од роднини, деца од нивните семејства и слично.
Неретко јавни личности гледале и закани по нивните животи од анонимните корисници.
Бидејќи форумот е британски, на мета се главно инфлуенсери и славни личности од Британија.
Притоа, мнозинството се жени кои се критикувани за апсолутно сè – од нивниот изглед, до приватни работи што не се ни достапни за јавноста.
Tattle Life има околу 12 милиони посети месечно и над 22 милиони потфоруми во кои се критикуваат и омаловажуваат славните личности и инфлуенсерите.
Некои јавни личности кои настрадале од форумот пробале да поднесат тужба, но бидејќи корисниците се анонимни, тешко е да добијат правда.
Денес форумот е нарекуван и „најтоксичното место на интернетот“, а го критикува и голем дел од јавноста.
Дури и луѓе кои сакале да дискутираат за други теми на форумот, а не за ѕвезди, велат дека корисниците се многу токсични.
И Редит има репутација на токсично место, но и неговите корисници велат дека Tattle Life оди во екстреми:
„Пред неколку месеци дознав за форумот и бев запрепастен за коментарите за една инфлуенсерка, бидејќи го познавав маж ѝ.
Булингот што го трпеше ова семејство беше ужасен. Ова е сајт што веднаш треба да се исклучи“.
„Пробав да објавам нешто на форумот и ужасно е. Ако не следите точно одреден наратив, невозможно е да имате нормален разговор. Овде ќе ги најдете најлошите луѓе“.
И покрај контроверзиите, платформата уште е активна, но сè повеќе јавни личности кои завршиле на форумот сега поднесуваат и тужби.
Спирова С. | Црнобело