Дрејк направи хаос во Торонто - постави огромна скулптура од мраз, ја кршат со чекани, ја палат, дојде и полиција
- Детали
- четврток, 23 април 2026
Дрејк постави огромна скулптура од мраз во Торонто и на Инстаграм сподели дека во неа е скриен датумот за издавање на неговиот нов албум. Неговите фанови веднаш почнаа да се собираат околу скулптурата, пробуваа да ја скршат со чекани, а некои палеа и огнови. На крај, скулптурата беше оградена а потоа пожарникари ја стопија со вода за да се избегне инцидент.

Дрејк смислил креативен начин да го најави датумот за издавањето на неговиот албум Iceman. Но, истовремено предизвика и хаос во Торонто.
На 21-ви април, 39-годишниот рапер постави голема структура од мраз во центарот на Торонто. На Инстаграм напиша дека датумот за издавањето на албумот е скриен во мразот.
Фанови на пејачот почнаа да се собираат пред огромната скулптура мраз и повеќето само ја снимаа и фотографираа.
Но, некои извадија чекани, почнаа да се качуваат на скулптурата и да пробуваат да го скршат мразот.
На видеата што се споделуваат на Твитер, целата ситуација прво изгледа забавна.
Но, во еден миг се гледа како еден дечко со чекан откршува голем блок од скулптурата кој паѓа меѓу толпата луѓе. За среќа, никој не бил повреден.
Потоа се гледа и како некои запалиле оган врз скулптурата за побрзо да го стопат мразот.
Вирално се споделува и видео од фризер кој отишол со фен за да ја стопи скулптурата.
Бидејќи ситуацијата почнала да ескалира, канадските медиуми споделија дека на терен бил испратена полиција.
Откако ја растргнале толпата, околу скулптурата поставиле ограда. На снимките од канадскиот телевизии се гледаат и знаци за предупредување и забрана за приближување и допирање на скулптурата.
„Иако инсталацијата привлекува луѓе и возбуда, исто така привлекува и критики и загриженост за безбедноста. Полицијата пристигна околу 23 часот за да воспостави контрола.
Луѓето се качуваа по скулптурата, а на некои видеа се гледа дека се пали и пожар за да се стопи побрзо“, вели репортерка за канадска телевизија.
По некое време на луѓето им било дозволено да се доближат до скулптурата, но не и да се качуваат на неа.
Нормално, имало луѓе кои не ја слушале забраната, па повторно почнале да се качуваат.
На крај, дошле пожарникари кои почнале да ја прскаат статуата со вода за побрзо да се стопи.
Дрејк се нема огласено за хаосот што го предизвика, но во меѓувреме го сподели датумот за издавањето на новиот албум – 15-ти мај.