ЕХФ досуди во наша полза, РК Алкалоид е шампион на Европскиот куп!
- Детали
- четврток, 05 јуни 2025
По победата во Атина и неодиграниот натпревар во Скопје, ЕХФ досуди во полза на РК Алкалоид и му ја додели титулата Шампион на Европскиот куп.
Македонскиот ракометен клуб Алкалоид е шампион во Европскиот куп на ЕХФ.
Момците на Кире Лазаров, на првиот натпревар во Атина го победија АЕК со резултат 29-25.
И додека македонските навивачи очекуваа втор натпревар во Скопје и шампионска титула, па ја наполнија арената Борис Трајковски до последното место, реваншот, сепак не се одигра, бидејќи ракометарите на АЕК не излегоа на теренот.
Како причина за ова го наведоа фактот дека нивните навивачи не стигнале на натпреварот, нивниот дел од трибините бил празен и не сакале да играат без своја публика.
По ова, европската куќа на ракометот најави дека натпреварот нема да се игра, па повеќе од 2 недели одлучуваше за „судбината“ на вториот натпревар, титулата и можните санкции, а денес излегоа со соопштение дека РК Алкалоид го добива вториот натпревар службено со 10:0 и со тоа ја освоија титулата.
ЕХФ излезе со соопштение во кое вели дека натпреварот нема да се преигра, а дека македонскиот клуб е новиот шампион.
Со тоа, клубот од Автокоманда и Кире Лазаров, како нивeн тренер, испишаа нова историја во македонскиот ракомет.
Убава вест беше споделена и на Инстаграм профилот на РК Алкалоид, со опис:
„Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет!
По извојуваната победа во Атина во првиот дуел, противникот РК АЕК одби да го одигра реванш-натпреварот во Скопје од свои причини.
По разгледувањето на сите случувања и докази, ЕХФ донесе одлука за службена победа од 10 : 0 голови и од 2 : 0 поени за РК Алкалоид. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини!
Честитки до нашите херои на теренот! Ова е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба!
Ви благодариме на сите за поддршката!“
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





