Билетите се распродадени: Алкалоид ќе игра против АЕК пред полни трибини
- Детали
- среда, 21 мај 2025
„Достоинствено да навиваме и да го поддржиме нашиот клуб во големото европско финале, на патот до европска титула“ - напишаа од РК Алкалоид, во објавата дека се распродадени сите билети за дуелот против АЕК на Грција.

Македонската спортска, но особено ракометна јавност нетпеливо очекува да дојде недела кога тимот на Алкалоид го игра својот историски реванш финален дуел од Европскиот куп против тимот на АЕК од Грција.
Нашиот претставник од Атина се врати со предност од првиот меч, но сега треба задачата да се одработи до крај и екипата на Кирил Лазаров да го добие противникот и на свој терен.
Истото ќе треба да го сторат пред полна сала, затоа што од РК Алкалоид предмалку објавија дека се продадени сите билети за овој дуел, кој инаку се игра во недела во салата Борис Трајковски со почеток од 20:30 часот.
Ова од РК Алкалоид и го посакуваа, салата да биде до врв полна со навивачи кои ќе ги бодрат младите ракометари до историски успех и европска титула.
На официјалниот профил на РК Алкалоид напишаа:
Продадени се сите билети за натпреварот меѓу РК Алкалоид и АЕК Атина што ќе се игра во недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток од 20:30 часот.
Вашата поддршката многу ни значи!
Ви благодариме!
Достоинствено да навиваме и да го поддржиме нашиот клуб во големото европско финале, на патот до европска титула!
Се гледаме во сала!