Детали за трагичната смрт на Диого Жота: „Не беше пијан, тргна со автомобил бидејќи не смееше да лета поради операција“
- Детали
- петок, 04 јули 2025
По трагичната смрт на Диого Жота, се огласи неговиот лекар кој откри дека фудбалерот неодамна имал операција, поради што не смеел да лета со авион. Па, со брат му тргнале со автомобил кон пристаниште во Шпанија, и оттаму планирале да фатат траект до Англија. Тој истакнува и дека воопшто не е точно дека со брат му биле пијани.

Вчера (03.07) во сообраќајна несреќа загина фудбалерот Диого Жота, на само 28-годишна возраст.
По трагедијата, почна да се шпекулира дека ѕвездата на Ливерпул била под дејство на алкохол, но сега се огласи неговиот лекар кој ги демантираше сите озборувања.
Доктор Мигел Гонкалвес се сретнал со фудбалерот само пет часа пред трагичната несреќа и истакнува дека воопшто не е точно дека Диого бил под дејство на алкохол.
Докторот открива дека Диого имал пневмоторакс, состојба позната и како колабирано белодробно крило. При оваа состојба, која може да биде опасна по живот, во белиот дроб се акумулира воздух.
Фудбалерот требало да оди на операција во мај, но решил да ја одложи за да може да игра на УЕФА Лигата на нации.
По натпреварот во Лигата, Диого ја направил операцијата и следно планирал да се врати во Ливерпул.
Несреќата се случила додека Диого и неговиот помлад брат Андре возеле во северниот дел на Шпанија, со цел да фатат траект до Англија.
Поради здравствената состојба, на фудбалерот му било кажано дека летањето со авион е премногу ризично, па затоа тргнале со автомобил, а потоа планирале да продолжат со траект.
Докторот на фудбалерот, кој работи во болница во Порто, вели дека го видел фудбалерот ноќта пред да загине, околу 20:30 часот.
Диого му кажал дека одлучиле да тргнат навечер, поради високите температури во текот на денот.
Тој уште еднаш истакнува дека воопшто не е точно дека Диого и брат му биле на журка или дека пиеле алкохол пред да тргнат на пат и го нарече фудбалерот „професионалец на кого му нема рамен“.
Диого дури бил и среќен што здравствената состојба му се подобрувала.
„Се збогував со него и со брат му, Андре, околу 20:30 часот. Брат му беше одлично друштво и реши да оди со него, за да можат да поминат повеќе време заедно. Решија да патуваат навечер, бидејќи времето е посвежо.
Ми кажа дека патувањето ќе трае околу осум часа, но дека ќе застанат во хотел за да одморат. Требаше да пристигнат на пристаништето следниот ден и оттаму да одат во Англија. Неговото семејство требаше да пристигне подоцна, со авион.
Прочитав некои работи на интернет и во медиумите. Да разјаснам, Диого и Андре не беа на забава, не беа ’добро расположени‘ (од алкохол). Немаше ништо такво“, вели докторот за португалскиот медиум Record.
Докторот додава и дека фудбалерот закрепнувал добро откако ја направил операцијата и речиси целата недела ја поминал со него.
„Со терапијата по операцијата, беше во добра форма. Кога го видов последен пат, веќе не чувствуваше болка и планираше да се врати во Ливерпул. Беше возбуден, сигурен во своето закрепнување и радосен за новата сезона“.
