Најстариот доктор во светот има 102 години – бил невролог, сега е професор по медицина, а завршил и правен факултет
- Детали
- сабота, 19 април 2025
102-годишниот Хауард Такер веќе неколку години го држи рекордот за најстариот доктор во светот. До 2022 година работел како невролог, но по затворањето на болницата, се фокусирал на предавање медицина, како и консултирање на неговите помлади колеги.
Во 2021 година, Хауард Такер беше прогласен за најстариот доктор кој уште не е во пензија.
Тогаш Хауард имаше 98 години, но тој го држи рекордот и денес – на 102-годишна возраст, уште е активен, но сега како професор по медицина и консултант во болница во Кливленд, Охајо.
За Гинис, докторот откри дека одлучил да се пријави за рекордот откако во весник прочитал за најстариот бербер во светот кој бил на иста возраст како него.
Неговиот внук му помогнал да се пријави и докторот вели дека рекордот го гледа ако уште едно големо достигнување, можеби најголемото во неговиот живот.
Тој откри и дека додека работел како лекар, успеала да заврши правен факултет.
„За среќа, не сум се соочил со некои тешки предизвици во животот. Додека работев како доктор со полно работно време, се запишав на правен, а на 67-годишна возраст го положив правосудниот испит.
Можно е да сум и најстарата личност што го положила правосудниот испит во државата Охајо“.
Признанието од Гинис го направи докторот мошне популарен, па беше снимен и документарец за него, насловен What's Next?.
Доктор Хауард бил роден во Кливленд, Охајо, во далечната 1922 година. Откако завршил средно, во 1940-та се запишал на државниот универзитет во Охајо каде студирал медицина.
Кога почнала Втората светска војна, доктор Хауард бил дел од американската воена морнарица, а подоцна бил воен доктор и во Корејската војна.
Откако завршил со студиите и ја поминал докторската пракса, повеќе од седум децении работел како невролог.
Во меѓувреме, се запишал на правен факултет, а успеал да положи и правосуден испит.
До 2022 година, докторот работел во болница во Кливленд, сè до нејзиното затворање.
По затворањето на болницата, почнал со академска работа, па сега е професор по медицина. Докторот вели дека ако не затворела болницата, сигурно би продолжил да работи и како доктор.
Вели дека иако би сакал и сега да работи како доктор, поради неговата возраст, се сомнева дека некоја болница ќе го прими.
„Никогаш не сум помислил да се откажам од работата како доктор. Но, иако пробував да најдам нова работа, никој не ме сака на мојата возраст. Сепак, ќе продолжам да се обидувам“.
Докторот признава и дека во модерно време, најголем предизвик му е работата со компјутери.
„На 102-годишна возраст, не сум нешто подобар на компјутери отколку што бев на 99-годишна возраст. Бев на курс пред околу пет години – не помина добро“.
Пред околу една недела, докторот откри дека уште предава медицина, но и дека благодарение на документарецот е номиниран за Webby Award – награди кои се доделуваат за достигнувања во сферата на интернетот, преку социјални мрежи, веб-сајтови, документарци…
Одговарајќи на прашања на Редит, докторот вели дека и на оваа возраст, продолжува да учи, но сепак повеќе се фокусира на едукација отколку работа како доктор.
„Стареењето носи промени, вклучувајќи и на когнитивните способности. Но, отсекогаш верував дека одлуката да продолжам да работам доаѓа со огромна одговорност самиот да се проценувам брутално искрено.
Не се потпирам само на себе, туку активно продолжувам со учење, добивам евалуации и соработувам со помлади колеги кои продолжуваат да ме предизвикуваат и поддржуваат.
Во оваа фаза од мојата кариера, откако болницата во која работев затвори поради финансиски проблеми, мојата главна улога е учењето, консултирањето и споделувањето на моето знаење…
Ќе престанам да работам кога ќе верувам дека повеќе нема да можам да го правам тоа безбедно. Дотогаш, ќе го давам најдоброто од себе да си го одржам умот бистар“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





