Вирално видео: Плажа во Кина преполна за првомајските празници – нема место ни за стоење
- Детали
- понеделник, 05 мај 2025
Плажата во кинескиот град Шенжен е една од најпознатите во Кина, особено за време на празници, кога ја посетуваат над 50.000 туристи. Исто било и годинава и на видеата од плажата се гледа дека едвај има место за стоење. Би отишле на плажа со толку многу метеж?

Плажата Дамејша во кинескиот град Шенжен е една од најпознатите во Кина.
Лоцирана на залив во Јужнокинеското Море, плажата е долга 1,8 километри и за викенд ја посетуваат над 10.000 луѓе, главно од градот Шенжен.
За празници, пак, плажата е уште попосетена, а поради огромната популарност, властите дури и пробале да го ограничат бројот на луѓе што можат да ја посетат – до 50.000.
Но, овој број можеби беше и надминат за време на првомајските празници.
На Инстаграм профилот Shenzhen Expat се споделуваат информации за градот Шенжен, а беше објавено и видео од плажата за време на празникот минатата недела.
На видеото, плажата е преполна и едвај има место за стоење, а многу луѓе има и во морето.
„Плажата Дамејша во Шенжен беше преполна од посетителите кои уживаа за Први мај. Иако е одлично да се видат луѓе кои уживаат во сонцето, големиот метеж го отежна релаксирањето.
Можеби е време да се направи систем за резервирање со ограничување на посетителите, за одењето на плажата да биде забавно и безбедно искуство“, стои во описот.
Кликнете на видеото за да го изгледате:
На истиот профил е споделено и уште едно видео, од 2-ри мај, и плажата повторно е преполна:
„Вториот ден од првомајските празници донесе огромни толпи на плажата Дамејша и илјадници посетители ја посетија популарната крајбрежна атракција. Плажата беше преполна со туристи, со што беше тешко да се најде место за релаксација или пливање.
Локалните власти известија за сообраќаен метеж и ограничен простор за паркинг, а многу посетители поминаа часови само за да влеза и излезат од областа.
И покрај метежот, семејства и групи пријатели уживаа во сончевото време, иако некои се жалеа за огромниот број луѓе.
Плажата Дамејша, позната по живописните пејзажи и активностите за рекреација, е прв избор за време на пикот на сезоната. Сепак, огромниот број посетители за првомајските празници истакна колкав предизвик е да се регулира огромниот метеж на туристичките дестинации за важни празници“, стои во описот.
Кликнете на видеото за да го изгледате:
Во коментари на видеата, корисниците се зачудени, но и се шегуваат за огромната толпа.
„Ако го изгубите семејството во метежот, полесно ќе ви биде да си направите ново“.
„Замислете како е во тоалетите“.
„Како ја чистат? Како изгледа откако сите ќе си заминат?“
Некои локалци споделуваат и детали за плажата:
„Дамејша е убава и неодамна реновирана плажа, опремена со сè што е потребно – тоалети, туш кабини… Има линија од метрото која минува покрај плажата и води директно до неа.
Бесплатно е да ја посетите. Има многу ресторани во близина. Ова ја прави популарна дестинација за посетителите.
За време на празници има многу метеж и сите фотки што ги гледате се вистински – живеам во близина на плажата. За жал, ретко ја посетувам бидејќи е преполна. Но, ја сакам во зима кога има помалку луѓе“.
Повеќе фотки од плажата:
Спирова С. | Црнобело