Трагедија во Австрија: Поранешен ученик убил 9 и ранил над 30 луѓе во средно училиште во Грац, пред да се самоубие
- Детали
- вторник, 10 јуни 2025
Од непознати причини, утрово дечко на возраст од 20-тина години извршил напад во средно училиште во Грац, при што убил девет лица, меѓу кои и ученици. На Твитер се споделува и потресно видео на кое се гледаат исплашени ученици во една од училниците.

Во австрискиот град Грац има неколку жртви и повредени по пукање во средно училиште.
Инцидентот се случил утрово, околу 10 часот, во средното училиште Dreierschützengasse и полицијата веднаш интервенирала.
За жал, напаѓачот успеал да убие девет лица, по што се скрил во тоалетите и си го одзел животот.
Меѓу жртвите имало и ученици и возрасни.
Во нападот има и повредени, од кои дел имале сериозни повреди и веќе биле пренесени во болници. Локалните медиуми пренесуваат дека во болница се над 30 повредени, меѓу кои има ученици и возрасни.
Околу 12 часот, локалната полиција извести дека училиштето е евакуирано и дека веќе не постои закана.
Учениците кои успеале да избегаат додека траел нападот веќе се со своите родители и семејства.
Засега не е познат идентитетот на убиецот, но австриските медиуми пишуваат дека станува збор за поранешен ученик кој бил жртва на булинг додека учел во училиштето.
Според некои медиуми, напаѓачот има 22 години, а не се знаат кои се мотивите зад неговиот напад.
Ваквите напади се чести во САД поради законите за оружје. Во Европа се случуваат поретко, но законите за оружје во Австрија се полиберални за разлика од повеќето европски држави.
Според BBC, секој над 18 години може набави огнено оружје како пушка и треба да го регистрира во период од шест недели.
За посилно огнено оружје, потребно е личноста да има над 21 година и соодветна дозвола. Психолошкото тестирање за оние кои вадат дозвола не е задолжително.
Не е познато какво оружје користел напаѓачот, ниту дали го набавил самиот.
Канцеларот на Австрија, Кристијан Стокер, изјави дека ова е национална трагедија:
„Ова се млади луѓе кои ги имаа целите животи пред нив. И наставник, кој ги придружуваше на ова патување“.
Се огласи и претседателката на Европската Комисија – Урсула фон дер Лајен:
„Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и пријателите. Училиштата се симбол на младост, надеж и иднината. Тешко е да се поднесе кога стануваат место за смрт и насилство“.
На социјалните мрежи се споделуваат видеа од евакуацијата, но и потресно видео на кое се гледаат исплашени ученици.
Спирова С. | Црнобело