„Син ми се преправал дека е мртов за да се спаси“: Потресни сведоштва за масакрот во средното училиште во Грац
Некои од учениците успеале да снимаат откако го слушнале пукањето, па на потресните видеа се гледа како преплашени трчаат низ ходниците за да бидат евакуирани.
За австриските медиуми, еден наставник открива дека штом го слушнал пукањето, пробал да ја барикадира вратата од неговата училница за да ги заштити учениците кои биле внатре.
Штом почнале да се шират вестите за масакрот, родителите испаничени тргнале кон училиштето. Некои од нив со часови не знаеле дали нивните деца се живи.
„Син ми ми се јави за дами каже дека во училиштето има пукање, дека мисли дека ќе умре. Дури два часа подоцна дознав дека е жив“, гласи изјавата на една мајка.
Родител на друго дете, пак, откри дека неговиот син се преправал дека е мртов.
„Исплашен, легнал на подот за да се преправа дека е убиен… Кој го направи ова? Каков проблем имал?“
На масакрот сведочеле и луѓе кои живеат или работат во близина на училиштето.
„Знаев дека се случило нешто лошо. Никогаш во животот не сум видел толку амбулантни возила на едно место. Родителите плачеа додека одеа кон училиштето“, изјави сопственик на ресторан во близина на училиштето.
За австриска телевизија се огласил дечко кој живеел во близина на училиштето:
„Ужасно е. Ова е мојот дом. Не можам да разберам како може толку многу луѓе да се мртви. Вакво нешто не треба да се случи овде…“
Пред училиштето во Грац, локалците веќе палат свеќи за жртвите. Многумина отишле и да даваат крв, па пред центарот за донација имало големи редици.
„Овде сум бидејќи сакам да направам нешто. Се чувствувам беспомошна. Ова е ужасна вест. Ме прави многу тажна. И, покажува колку проблеми има во светот“, изјави девојка која чекала ред да дарува крв.
Спирова С. | Црнобело