Ќерката на контроверзниот крал на Тајланд 3 години е во кома: Ја одржуваат во живот со машини, требаше да го наследи тронот
- Детали
- четврток, 21 август 2025
Ќерката на контроверзниот тајландски крал веќе три години е во кома, а сега кралското семејство соопшти дека состојбата ѝ била влошена поради инфекција. Во две години, ова е првпат јавноста да слушне нешто за неа. Што знаеме за принцезата која се очекуваше да стане кралица на Тајланд?

Тајландската принцеза Баџракитијаба Махидол, најстарата ќерка на кралот Маха Ваџиралонгкорн, веќе три години е во кома поради проблеми со срцето.
Неделава, кралското семејство соопшти дека состојбата на 45-годишната принцеза е влошена поради сериозна инфекција.
Ова е првпат по две години кралското семејство да даде какво било известување за принцезата и според нив, лекарите будно ѝ ја следеле состојбата.
Принцезата има проблеми со срцето, па сега проблем бил нејзиниот крвен притисок
„Медицинскиот тим ни кажа дека има низок крвен притисок, што бара постојат третман.
Лекарите ѝ ја даваат потребната терапија за да ѝ го стабилизираат крвниот притисок, заедно со третмани и антибиотици кои ја поддржуваат функцијата на бубрезите и дишењето“, стои во официјалното соопштение.
Што знаеме за принцезата за која се очекуваше да го наследи кралскиот трон?
Позната како принцезата Ба, 46-годишната Баџракитијаба е најстарото и единственото дете на кралот од неговиот прв брак.
Контроверзниот крал се има венчано четирипати и има вкупно седум деца, но се претпоставуваше дека токму најстарата ќерка ќе го наследи.
Принцезата Ба го завршила образованието во Англија, САД и Тајланд, а низ годините имала неколку позиции во склоп на Обединетите Нации.
Активно се залагаше за подобар третман на жените во затворите, а една година пред да биде хоспитализирана, татко ѝ ѝ додели висока функција во неговото обезбедување.
Малку детали се познати за приватниот живот на принцезата бидејќи во Тајланд е забрането да се критикува кралското семејство.
Со тоа се избегнува и да се откриваат какви било работи поврзани со нивната приватност кои би можел да им го нарушат угледот.
Во 2022 година, за време на воен тренинг на кучиња, принцезата изгубила свест наводно поради инфаркт.
Веднаш била пренесена во болница и набрзо потоа беше соопштено дека прогнозите за нејзината состојба биле „црни“. Оттогаш таа се нема разбудено.