Британка (23) е осудена на 25 години во озлогласен затвор во Дубаи: „Судењето беше на арапски, не можеше ни да се брани“
- Детали
- среда, 10 септември 2025
23-годишна студентка од Англија ќе помине голем дел од животот во затвор во Дубаи што го споредуваат со Алкатраз. Таа и уште неколку пријатели биле затекнати со околу 50 грама кокаин во стан во Дубаи, а поради строгите закони во Емиратите, доби една од највисоките казни.

За многумина, Обединетите Арапски Емирати, особено Абу Даби и Дубаи, се дестинација од соништата.
Но, некои туристи забораваат да ги земат предвид строгите закони што треба да ги почитуваат додека се таму.
Законите за дрога и алкохол се многу, многу построги отколку во земјите како Англија, САД, па и Македонија и потребна е мала грешка за некој да заврши во затвор.
Во ваква ситуација се нашла 23-годишна студентка од Англија, која сега се соочува и со 25-годишна затворска казна во еден од најозлогласените затвори во Дубаи.
Во октомври минатата година, Миа О'Брајан била фатена со кокаин во Дубаи. Според достапните информации, таа била во друштво на неколку пријатели и биле затекнати со околу 50 грама кокаин.
Кај нас, во повеќето случаи, ако некој биде фатен со дрога за лична употреба, може да добие до пет години затвор. Секако, големината на казна може да варира од различни фактори.
Доколку има поголема количина, како за продажба, тогаш казните се построги.
Но, во Емиратите, со тоа и Дубаи, има нулта толеранција за дрога. Па, дури и ако некој биде фатен со минимално количество, може да заврши во затвор.
Впрочем, некој може да биде уапсен и ако му бидат најдени траги од дрога во крвта бидејќи тоа е доказ дека консумирал.
Покрај затворот, овде се и паричните казни кои достигнуваат и десетици илјади долари.
Нормално, колку е поголемо количеството дрога што е најдено, толку построги се законите. Ако, пак надлежните се сомневаат дека некој продава дрога, може да добие и 25-годишна казна затвор.
Моментално младата Британка е во затвор во Дубаи кој го споредуваат со Алкатраз, а за Daily Mail, нејзината мајка вели дека е неправедно осудена.
„Миа е многу тажна. Мисли дека животот ѝ е уништен, а сакаше да биде адвокатка. Разговараме, но не може да ми каже многу преку телефон.
Направи глупава грешка откако отиде да ги види дечко ѝ и другарка во Дубаи. Сама си го плати патувањето од нејзината заштеда. Не мислам дека планирала да пренесува дрога.
Била фатена со кокаинот во некој стан. Имало околу 50 грама, а со неа биле уште две лица, вклучувајќи ја и нејзината пријателка. Ги обвинија за продавање дрога.
Не знам дали дечкото на другарка ѝ бил дилер, но мислам дека тој треба да каже нешто“.
Мајка ѝ додава дека иако Миа негирала вина, сепак ѝ ја дале највисоката казна, како и дека судењето траело само еден ден.
