Почина сопругата на милијардерот Ричард Бренсон: Ѝ купил остров за да ја импресионира, беа заедно 50 години
- Детали
- среда, 26 ноември 2025
По 50 години заедно, почина сопругата на милијардерот Ричард Бренсон. Милијардерот секојпат ја користеше можноста да каже нешто убаво за неа и велеше дека таа му е најголема поддршка и негова карпа.

Милијардерот Ричард Бренсон соопшти дека неговата сакана сопруга Џоан починала на 80-годишна возраст.
Тој ги сподели тажните вести вчера (25.11):
„Со скршено срце споделувам дека Џоан, која ми беше сопруга и партнер 50 години, почина. Таа беше најдобрата мајка и баба што нашите деца и внуци би можеле да ја посакаат.
Таа беше мојот најдобар пријател, мојата карпа, светлината што ме води, мојот свет. Те сакам засекогаш, Џоан“.
Во светот на милијардерите каде разводите не се реткост, Џоан и Ричард беа пример за успешен и среќен пар.
Пред само еден месец, Ричард сподели фотка со сопругата со опис:
„На сите им треба по една Џоан во животот“.
Летово, пак, сподели честитка за нејзиниот 80-ти роденден во која исто така ја покажува својата љубов.
„Ти благодарам што беше покрај мене низ сè – успесите, падовите и сите оние тивки и мирни моменти помеѓу.
Ова се моментите со тебе кои ги ценам најмногу. Те сакам повеќе и повеќе секоја година“.
Џоан потекнува од скромно семејство од Шкотска, а татко ѝ работел како градител на бродови.
Во 1976 година милијардерот, кој дотогаш веќе нижел успеси, вели дека се вљубил во неа на прв поглед.
Кога ја здогледал, Џоан си правела чај, а Ричард бил „маѓепсан“ од нејзината приземјеност.
Откако открил дека работи во продавница, почнал да прави план како да ја освои.
Почнал да купува сè и сешто од продавницата и се има шегувано дека тој период домот бил преполнет со предмети што ги купил само за да поразговара со неа.
Напорите не му биле залудни и почнале врска.
„Ако се вратам во тоа време, никогаш не би помислил дека наредните четири и пол децении ќе ми донесат живот исполнет со љубов, прекрасни деца и прекрасни внуци“, сподели милијардерот пред неколку години.
Кратко откако ја почнале врската, милијардерот одлучил да купи цел остров за да ја импресионира Џоан.
Дознал за остров кој бил на продажба и ставил понуда од 100.000 долари.
Агентот што ја организирал продажбата бил импресиониран од Ричард, па му понудил патување до островот, за да го види. Секако, тој отишол со Џоан.
„Заедно се шетавме низ островот и си сонувавме како ќе го претвориме во нашиот дом…
Воодушевен од рајот, и со желба да ја импресионирам Џоан, ја понудив највисоката сума што можев да ја одвојам – 100.000 долари.
Сопственикот бараше шест милиони долари, па можете да замислите каков одговор добив“.
Но, милијардерот не се откажал, па следната година понудил 180.000 долари и островот бил негов.
Врската со Џоан продолжила, а 11 години подоцна, тие се венчаа на островот што го купи за неа.
Пред да се венчаат, тие добија и две деца – Холи и Сем. Од нив, пак, имаат пет внуци.
Спирова С. | Црнобело
