Трагедија во Хонгконг: Изгоре огромен станбен комплекс – 55 загинати, над 200 исчезнати (фото+видео)
- Детали
- четврток, 27 ноември 2025
Во Хонгконг, во станбен комплекс со околу 4.600 жители изби пожар кој брзо се проширил низ седум згради. Бројот на жртви се очекува да расте, а веќе биле уапсени три лица, вклучително и директори на градежни компании.

Вчера (26.11) во огромен станбен комплекс во Хонгконг избувна пожар кој предизвика огромна трагедија.
Според последните информации, загинати се 55 лица, но има и над 200 исчезнати поради што надлежните очекуваат бројот на жртви да биде многу поголем. Меѓу загинатите има и пожарникар.
Пожарот зафатил седум облакодери со 31 кат, а ставен е под контрола во четири од нив.
Истрагата за причината уште трае, но засега се уапсени три лица, вклучително и директори на градежни компании.
Според полицијата, на прозорците на зградите имало мрежи и пластични фолии кои веројатно придонеле за брзото ширење на пожарот.

Евакуирани се стотици луѓе кои живееле во зградите, а како што пренесуваат странските медиуми, голем дел од нив биле постари лица.
Во комплексот живееле околу 4.600 луѓе.
Дел од луѓето кои успеале да се спасат во интервјуа изјавиле дека не бил активиран никаков аларм за пожар.

Истовремено, открија дека минатата година имало планови за реновирање во зградата, а некои од жителите биле загрижени за безбедноста на материјалите што се користеле.
Се претпоставува и дека една од причините за брзото ширење на пожарот се скелињата направени од бамбус кои често се користат во Хонгконг и делови од Азија.
Имено, надлежните планирале постепено да ги исфрлат од употреба и да ги заменат со скелиња направени од огноотпорни материјали.

За BBC News се огласи и градежен експерт кој споделил дека зградите се направени во 1980-тите, па нивните прозорци не се многу отпорни на оган. Па, ова е уште една можна причина зошто пожарот брзо се проширил низ становите.
Според надлежните, ова е најсмртоносниот пожар во Хонгконг во изминатите 63 години, а може и подолго.

Фотографиите и видеата од трагедијата се ништо помалку од вознемирувачки.
Ги споделуваат и локалци, од кои дел го искажуваа својот гнев и сметаат дека трагедијата можела да биде спречена ако се избегнеле одредени пропусти.
